Од:

Денот Д во Турција: За или против диктатура

Граѓаните на Турција денеска гласаат на референдум за промена на политичкиот систем во земјата. Доколку успее референдумот постоечкиот парламентарен систем ќе се замени со претседателски. А, тоа ќе му овозможи на сегашниот претседател Реџеп Таип Ердоган да остане на власт до 2029 година со многу пошироки овластувања отколку сега.

Референдумот се одржува во услови на вонредна состојба, наметната по неуспешниот обид за државен удар во јули, минатата година.

Референдум за диктатура

Предложените промени се состојат од 18 измени на Уставот помеѓу кои најважната има за цел да му даде поголема моќ на новиот егзекутив и да ја укине функцијата премиер со што Ердоган би можел да остане на власт најмалку до 2029 година.

Ердоган очекува победа на референдумот тврдејќи дека анкетите укажуваат поддршка од 55 до 60 отсто гласачи.

Доколку победи на референдумот Ердоган ќе има овластрувања да поставува министри, а целата бирократија ќе биде централизирана во неговата претседателска палата.

Противниците се загрижени дека со новиот систем ќе недостига „баланс и проверки“ што се специфични за системот во САД.

Лидерот на главната опозициска Републиканска народна партија Кемал Киличдарглу предупреди дека Турција избира дали сака и понатаму да биде демократски парламентарен систем или владеење од еден човек. Тој го опиша новиот систем како „автобус без сопирачки чија дестинација е непозната“.

Референдумот се одржува 94 години откако Кемал Ататурк ја основа модерна Турција, а може да ги промени односите на Западот со Анкара, мировните преговори со Курдите и процесите во општеството. Новиот систем би бил на сила од ноември 2019 година кога ќе се одржат претседателските и парламентарни избори во исто време.

Ердоган е на чело на Турција е од 2003 година, прво како премиер, а од 2014 година, како претседател. Недела ќе биде ден на одлука во Турција.