Од:

120 фантоми во куќарка во комшилукот на Јанкулоска и Бонева

Иако поминаа неколку дена откако Избирачкиот список е прочистен и заклучен, а ова го потврдија и политичките партии, граѓаните се уште масовно пријавуваат фантомски гласачи.

НОВА истражуваше дали фантомските гласачи кои беа пријавени на прочистувањето на списокот во април се отстранети или се уште фигурираат на списокот. Голем од спорните гласачи се на списокот и ќе гласаат на 11 декември.

Посетивме неколку адреси за кои граѓаните имаа пријавено дека за гласање се пријавени и фантомски гласачи.

На улицата Димче Мирчев спроти објектот на полицијата, освен познатата „функционерска зграда“, има и неколку мали куќарки во кои живеат дваесетина лица. Во една од куќарките, која е обележана со број 8 – има регистрирано 119 гласачи.

Хасан Џафер, сопственикот на куќата, вели внатре живеат само тој и жена му, додека спорните гласачи биле запишани на нивната адреса уште одамна.

На улицата 50 дивизија која се наоѓа само неколку стотина метри од Димче Мирчев во зградата со број 32 во списокот се пријавено 29 лица, од кои 14 се со исто презиме Шабан.

Жителите велат дека во таа зграда, толку станари нема. Им ги прочитавме имињата од списокот, но речиси никој не можеа да познаат дел од нив не им беа познати.

Невладината организација „Цивил“ смета дека ревизијата на Избирачкиот список не дава резултати. Како што информираа на прес-конференција, во повеќе од 200 случаи на фантомски гласачи чии податоци биле доставени до невладината организација, тие забележале дека само два случаи се решени, односно податоците се коригирани.

„Уште позарижувачки се случаите кога фантомските гласачи се тргнати од одредени адреси, за потоа на истите адреси да се појават сосема нови гласачи. Овие случаи се пријавени во „Цивил“ откако засегнатите граѓани поднеле претставки до Државната изборна комисија“, изјави Џабир Дерала, претседател на организацијата.

ДИК: СЕГА НЕМА МОЖНОСТ ЗА НИКАКВИ ПРОМЕНИ

Од Државната изборна комисија велат дека сега нема можност да се прави некаква промена на списокот.

„Избирачкиот список е веќе заклучен. Изводите по кои ќе се гласа се печатат. Нема можност за никакви промени. Ние правевме проверки по адресите што ги добивавме од Министерството за внатрешни работи, ДИК нема механизми да ги извади податоците од избирачкиот список“, велат од ДИК за НОВА.

Со сегашната состојба на ДИК запишани се 1.784.416 гласачи.

Претседателот на ДИК, Александар Чичаковски соопшти дека во изборните единици во Македонија ќе гласаат 1.531.368 граѓани, додека на посебниот Избирачки список запишани се 230.122 лица кои согласно евиденцијата на надлежен орган се смета дека се на привремена работа во странство, за гласање во дијаспората прифатени се пријавите на 20.573 граѓани.

Од Комисијата соопштија дека на изборите ќе гласаат и 13 внатрешно раселени лица и 2.015 лица кои се во притвор или во затвор, а во просториите на ДИК, пред изборите, ќе гласаат и 320 лица кои се членови на Избирачките одбори во дијаспората.

Како спорни гласачи во списокот за прочистување неа запишани 40 илјади гласачи, но по прочистувањето избришани 28 илјади гласачи.

Дарко Алексов од МОСТ вели дека сега нема можност да се менува списокот, но има можност да се пратат каде гласаат пријавените „спорни лица“. За оваа цел МОСТ креирале алатка која граѓаните можат да ја најдат на интернет страницата neregularnosti.most.org.mk и тука да ги пријавуваат сите нерегуларности и „фантомски гласачи“. Алексов информира дека потврдените податоци од пријавите на граѓаните ќе и бидат доставени на ДИК.