Од:

2016 во ЕУ: Година на политички земјотреси

По јунскиот брегзит, есенва 27 земји членки на ЕУ, без Велика Британија, се состанаа во Братислава.

Тема: целите на заедницата по заминувањето на Велика Британија од ЕУ. Разговорите беа бурни. Слика на разединетост околу бегалската политика, недостиг на солидарност помеѓу членките, буџетски кавги, барањата за повеќе суверенитет на некои членки…

Тензијата беше толку силна што шефот на луксембуршката дипломатија Жан Аселборн посака Унгарија да излезе од ЕУ поради автократската и популистичка политика на конзервативниот премиер Виктор Орбан. На ова дојде одговор од Петер Сијарто, унгарскиот колега на Аселборн: “Аселборн ги навреди Унгарија и унгарскиот народ”.

Виктор Обран и Жан Аселборн

Оваа нервозна размена на мислења зборува многу за внатрешната состојба на ЕУ и сите разединувачки сили кои можат да и потпишат смртна казна на ЕУ во наредните години.

“ЕУ е во жална состојба”, изјави уште во јуни Мартин Шулц, претседателот на ЕП. Во едно интервју за Евроњуз тој се задржа на сите европски кризи: “Екстремни сили победуваат на референдуми и избори. Доведувањето под прашање на европскиот проект е играње со иднината на следните генерации”.

Оваа 2016 година беше година на кризи: бегалска криза, теороризам, конфликтот во Сирија, популизам, брегзит, ударите врз Шенген зоната, кризни референдуми …. списокот е долг.

Бегалска криза

2016 година започна како што заврши претходната – со бегалската криза, со илјадници луѓе блокирани на грчко-македонската граница и на грчките острови откако земјите членки на ЕУ ги затворија границите. Источно-европските земји како Полска, Чешка или Словачка отворено рекоа дека немаат намера да примат бегалци а Унгарија дури организираше референдум против бегалците.

ЕУ и Турција во март договорија начин да го спречат напливот на бегалците кон Европа. Анкара доби задача да ги задржи во земјата а ЕУ се обврза да помогне со 6 милијарди евра, безвизен режим за турските граѓани и продолжување на преговорите за членство. Турција го исполни своето ветување. Бројот на бегалци во ЕУ значително се намали. Од 57.000 во февруари бројот падна на 1.500 во јуни.

Шокирана од “чистките” на претседателот Ердоган по неуспешниот пуч во Турција, ЕУ не можеше да ги исполни дадените ветувања.

Тероризмот не ја поштеди 2016 година

На 22 март 2016 година и Брисел стана жртва на тероризмот со нападот на бриселските аеродром и метро во кои животот го загубија 32 лица а 250 беа ранети.

Европските функционери изјавија дека ова се напади врз европските демократски вредности а шефицата на ЕУ дипломатијата Федерика Могерини не можеше да ги спречи солзите во текот на својата изјава дадена од патувањето во Јордан по нападите во Брисел.

Потоа повторно Франција беше цел на три напади. Во Мањанвил беа убиени двајца полицајци, во Ница животот го загубија 84 лица а 331 лице беа ранети и потоа во Сент Етјен Рувре терорист нападна и уби едно свештено лице. Франција е се уште во вонредна состојба воведена по нападите во Париз на 13 ноември 2015 година.

Четири дена по нападот во Ница терористичката организација Исламска држава, автор на сите напади во Европа, објави дека стои и зад нападот врз еден воз во Германија на 18 јули. На 19 декември тероризмот изврши удар врз еден божеќен пазар во Берлин во кој 12 лица загинаа а 48 беа ранети.

Ништо не укажува дека ова е крај на терористичките напади на европска територија.

Брегзит – големиот европски шок

Она што долго се чинеше невозможно се оствари. На 23 јуни Британците и рекоа “не” на ЕУ со 51,9 отсто гласачи. Потресот врз европските темели беше силен. И за Велика Британија и за целата ЕУ.

Она што долго се чинеше невозможно се оствари. На 23 јуни Британците и рекоа “не” на ЕУ.

Тогашниот премиер Дејвид Камерон во јануари 2013 година им вети на Британците дека ќе свика референдум доколку биде повторно избран. Речено-сторено. Камерон беше убеден дека Британците нема да и свртат грб на ЕУ. И се излажа.

52 отсто Британци и рекоа “не” на ЕУ

Камерон дури успеа да склучи посебен договор со ЕУ кој на Велика Британија и гарантираше дека нема да мора да влегува во потесна унија со другите европски партнери и како и редица други бенефиции. Залудно. Британците решија дека нивното место не е во ЕУ.

На 23 јуни Камерон даде оставка. На негово место дојде Тереза Меј. Нејзината главна преокупација е подготовката за полесен излез на земјата од ЕУ и идните односи помеѓу Лондон и Брисел.

Брегзит преговорите нема да бидат лесни. Изненадувачки, останатите 27 членки на ЕУ барем досега покажуваат единство во подготовките на «брегзит» преговорите.

Преговорите треба да почнат на 31 март 2017 година а да завршат до крајот на 2018 година.

Популизмот расте ли расте ….

Можеби највознемирувачката вест на 2016 година е порастот на популизмот насекаде низ Европа.

Во Австрија во мај Александер Ван дер Белен од еколошката партија за трошка го победи кандидатот на екстремната десница, партијата ФПО, Норберт Хофер.

ФПО поднесе приговор па изборите поништени и повторени во декември. Овој пат Австријците му дозволија на Ван дер Белен да победи со поголема разлика. Сепак, анкетите покажуваат дека ФПО е најсилната партија во Австрија.

Во февруари се изборите во Холандија. Шанси за добар пласман има екстремно десниот претставник Герт Вилдерс. Во мај во Франција се одржуваат претседателските избори а анкетите велат дека Марин Ле Пен, претседателката на екстремно десниот Национален фронт, може да стане дури и шеф на државата.

Во Полска протестите не стивнуваат. Опозицијата се бори против автократските тенденции на партијата Право и правда која е на власт од 2015 година и обидите да се одземе независноста на судството и медиумите.

Во Италија нова победа на популистите. Италијанците ја отфрлија европската и економска политика на Ренци а во првите редови се врати популистичката партија Пет ѕвезди.

Дури и ако Ангела Меркел успее да освои четврти мандат во Германија, сосема е јасно дека во Бундестагот ќе влезе популистичката, анти-имигрантска и екстремно десна партија Алтернатива за Германија.

Марин Ле Пен и Герт Вилдерс се охрабрени со изборот на Доналд Трамп во САД и веруваат дека нивното време доаѓа.

Новогодишен опитимизам

По толку шокови, драми, потреси мораме да се потсетиме на старата поговорка која вели дека секоја криза отвора нови можности. Објективниот поглед врз настаните и перспективите во Европа и во светот не ветува помирна 2017 година.

Повеќе лидери заминуваат во историјата во 2017 година: Барак Обама, Франсоа Оланд, Дејвид Камерон, Матео Ренци. Ангела Меркел повторно ќе ја тестира својата популарност на изборите во септември.

Сепак, да завршиме со малку оптимизам. Статистиките велат дека во ЕУ економијата е во пораст и дека невработеноста е опаѓа. Земјите членки на ЕУ полека излегуваат од економската криза од 2008 година. Според некои економисти, сосема е нормално што политичките афтершокови доаѓаат неколку години по почетокот на економската криза. Сега доаѓа времето за смирување на политичките потреси.

Оваа вест како и изборот на новиот американски претседател Доналд Трамп можат да бидат знак за будење во ЕУ. Многу политичари и аналитичари се надеваат дека изолационизмот на Трамп треба да ја натера ЕУ да ги земе работите во свои раце.

Големото европско прашање на крајот на оваа вознемирена и мачна 2016 е дали разединетата ЕУ е способна за ваков потфат?