Од:

(ВИДЕО) Гозби на државна сметка, се нарачува најскапото и највкусното

Народната вели, туѓи пари лесно се трошат. А ако државата го плаќа цехот, за цена не се прашува. По народнава јаделе и пиеле и двајцата функционери, доскорешниот министер за образование и наука Абдулаќим Адеми, и неговиот заменик Спиро Ристовски, обелодени НОВАТВ во вчерашната епизода на емисијата ЈАВНО. (Целата епизода на видеото долу, сегмент од ЈАВНО за трошоците на Ристоски видео горе)

НОВАТВ преку Законот за слободен пристап до информации ги доби податоците за службените патувања на министерот и заменикот, сметките од хотелските сместувања и изводи од нивните службени картички.

img_4297

Според приложеното може да се заклучи дека Адеми и Ристовски живееле на висока нога на државна сметка. Јаделе во најубавите ресторани, квалитетно се хранеле, а спиеле во хотели од минимум 4,5 ѕвезди. Поголем дел од податоците се за поранешниот министер Адеми. Aко се соберат сите сметки од неговата службена картица од први јануари 2015 заклучно со 31 мај оваа година, Адеми од државното ќесе се честел со 20.000 евра.

Сите овие пари се потрошени во елитни ресторани како „Воденица“, „Балканика“, „Ла тераца“, ресторан „Момир“ во Охрид, ресторанот на „Микеи“ во Камник. Сумите се различни, почнувајќи од некоја скромна сметка од 1.000 денари, па се до 40 000 денари. За ручеци и вечери пари не се жалеле. За јунешки бифтек Адеми плати 5.200 денари, но и тоа било малку па се нарачало и телешко печење од 1.820 денари. А, во Момир во Охрид цехот излегол 19.310 денари. Одредени сметки, како онаа на Ристовски во скопскиот „Скара бар“ стасале дури и до 39 илјади за една вечера платена со буџетската картичка.

265992

 

Како изгледал еден ручек на Адеми во ресторанот Воденица платен од граѓаните на Македонија.

Од кашкавал строго италијански – парче пекорино 250 денари. Пинџур и ајвар чинеле 260 денари. За две салати од рукола Адеми платил 540 денари. Прво мезеле бифтек таљата од 1.300 денари, на тоа додал и бифтек на жар од 1.300 денари, орада на жар од 750денари. Дури и лебот на Адеми не бил од евтините со адитиви, па за три корпи леб се дале 450 денари. На крајот се нарачал и десерт од 74 денари – крем карамел, топло ладно, печена тиква. Оваа вечера за двајца до тројца луѓе чинела 8.190.

img_4303

Заменикот Ристовски на сметка на граѓаните јадел и пиел за 7.500 евра од јануари лани до мај годинава. Голем дел од седенките на државна сметка Ристовски ги правел во ресторанот Скара бар во Тафталиџе. Тој повеќе пати јадел и во „Фитнес Хаус“, познат ресторан за здрава исхрана, но знаел да седне и во монденското „Дежаву“ или пак во „Еквистријан“ во скопски Аеродром.

За недомаќинското трошење на парите од буџетот на Министерството за образование минатата недела обелодени и Државниот ревизор, кој во Ревизорскиот извештај за работата на оваа институција минатата година откри дека се пиело, јадело и вработувало без мерка. Тие констатираат дека ненаменски на скапи хотели, ручеци и вечери, како и вработувања се потрошиле над 200,000 евра. За ноншалантниот однос со парите на граѓаните говори и фактот што екс министерот Адеми неколку пати ја губел службената картичка и фискалните сметки, но сепак ги рефундирал и тие пари за кои немал доказ каде се направени.

Транспарентнот Интернешнл ја повика Антикорупцииската комисија да поведе постапки и да ги испита наодите на Државниот ревизор за ненаменско трошење пари.

Транспаренси Интернешнел Македонија смета дека е недозволиво да се игнорираат ревизорските извештаи и поради тоа бара надлежните институции што поскоро да ги испитаат наводите од нив и да преземат соодветни чекори кон лоцирање на одговорност за сторените неправилности“, стои во соопштението на организацијата.

НОВАТВ од Министерството ги побара и патните налози за патувања во странство. Скоро на секое патување поранешниот министер Адеми го придружувала Ардиана Камили вработена во неговиот кабинет. Во февруари оваа година делегација предводена од Адеми била на службено патување во Словенија. Од фискалната сметка во ресторан може да се види дека не штеделе кога нарачувале на државна сметка. Се гоштевале со телешки печења, вина и нутели торти. Но, не застанале само на храната, па сите петмина кои биле во Словенија биле во посета на Постоинска Јама каде за влез платиле 134 евра и плус 300 евра за толкувач од словенечки јазик.

10961-14-l

 

Кога патувал министерот Адеми секогаш спиел во најубавите хотели. Тој и неговата соработничка од кабинетот лани во Турција спиеле во хотел со 5 ѕвезди на Таксим и дале речиси 2.000 евра за хотел за само три дена. И во Сплит го одбрале хотелот Ле меридием со 5 ѕвезди, покрај морското крајбрежје за кое за четири лица за хотелско сместување биле искеширани 1.982 евра од државното ќесе, а дополнително потрошиле 358 евра на име поситни расходи.

img_4325

Засега државниот јавен обвинител молчи. Останува да видиме дали има основа за кривично гонење за раскрчмувањето на парите од Министерството. Знаењето е сила, знаењето е моќ. Оваа кампања на Министерството за образование беше со цел да ги поттикне младите во Македонија да учат, за да бидат успешни во животот. Засега Македонија се уште живее по клиентелистичката максима – до моќ и слатки пари преку државна фотелја.

Во продолжение се документите, патните налози и фискалните сметки во ресторани платени со служвените картички на Адеми и Ристовски.

Документи прв дел

Документи втор дел 

Документи трет дел

Документи четврт дел

Документи петти дел 

Документи шести дел

Документи седми дел

Документи осми дел

 



Comments are closed.