Од:

АБА лига: МЗТ Скопје го „истури“ бесот на ФМП и го совлада со +24

Фото: aba-liga.com

МЗТ Скопје ја забележа третата победа во АБА лигата оваа сезона. И тоа убедлива. Во СЦ „Јане Сандански“ е совладан ФМП со 89:65 (26:14, 23:18, 22:18, 18:18) во десетото коло на јадранското кошаркарско друштво. Тимот од Белград, се чини, дојде во вистински момент за „металците“ иако зад себе имаа само 48 часа од дуелот со Лиеткабелис во Еврокупот. Но, ги имаа и Симоновски, Дреновац и Клоф на помош и со завиден учинок во статистиката. Дреновац беше најефикасен со 24 коша и беше прогласен за МВП на средбата, Симоновски реализира 15 поени, Клоф 8 за менување на сликата на македонскиот првак на паркетот. Кларк и Темс уфрлија по 11.

Фото: aba-liga.com

Фото: aba-liga.com

„Некои работи мораше да се издржат на претходниот меч со Лиеткабелис за да ги добиеме Дреновац и Симоновски назад во екипата. Нивното враќање беше полн погодок. Имавме фантастични проценти на шут што дојдоа како резултат на добрата игра во одбрана. Игравме притисок на топка во текот на целиот меч и ги затворивме двајцата нивни најдобри поединци, Љубичиќ и Човиќ, а кога ќе го запреме „моторот на противничката машина, тогаш се оди на ваша страна“, рече Горан Крстевски, в.д. тренер на МЗТ Скопје, кој му препушта место на клупата на Анте Назор. Хрватот и управата на клубот постигнаа договор за соработка до крајот на сезоната со можност за нејзино продолжување.

Фото: aba-liga.com

Фото: aba-liga.com

Кај домашните се поклопија три фактори. Прво е драстично подобрениот здравствен билтен што се одрази и во играта и на резултатот  второ е одличната реализација на шут од сите позиции. Трето е гостувањето на дебитантот во лигата. Клучна за победникот беше одбраната. Српската екипа беше запрена на 65 поени, а во напад се полнеше кошот и, речиси, се поаѓаше од рака. Ударите за два беа со успешност од 60,9 отсто (14/23), со 53,8 отсто се шутираше зад линијата 6,75 метри (14/26) и 82,6 отсто прецизност при „пеналите (19/23). МЗТ Скопје загуби 20 топки што е многу, но грешките овојпат не се одразија на конечниот резултат и се „покрија“ со одлична игра под кошевите (32 скока), петорката на паркет се разигруваше со вкупно 15 асистенции и шест „украдени“ напади.