Од:

Ахмети: Бинационална држава не е дел од документот од Тирана

На прашањето на НОВА дали дел од барањата како услов за коалицирање во новата Влада се и бинацонална држава и менување на Уставот, Ахмети рече дека такво нешто не видел во документот од Тирана и дека наскоро ќе биде објавен.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пред почнување на конститутивната седница на новиот парламентарен состав, одржа брифинг со новинарите кои ги информираше за вчерашната средба во Тирана со албанскиот премиер Еди Рама.

Од средбата ќе произлезе завршен документ во кој ќе бидат содржани сите барања на албанските политички партии. Ахмети рече дека најголем дел од заклучоците во документот се познати во јавности и се дел од изборните програми на партиите во албанскиот политички блок во Македонија.

Како што наведе Ахмети, станува збор за јазична рамноправност, судски реформи и други реформи значајни за Албанците во Македонија, потоа членството во ЕУ и НАТО и продолжување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство.

„Јас не мислам дека ова се услови, туку потреба на Македонија и во нив нема ништо дискутабилно“, рече Ахмети.

На новинарско прашање дали без овие услови ДУИ нема да прифати учество во новата Влада, Ахмети рече дека „ова се основни начела за кои ќе се разговара со партиите за идната влада и платформа за која ќе се разговара со мандатарот“.

На прашањето на НОВА дали дел од барањата како услов за коалицирање во новата Влада се и бинацонална држава и менување на Уставот, Ахмети рече дека такво нешто не видел во документот од Тирана и дека наскоро ќе биде објавен.

Новинарите го прашаа лидерот на ДУИ, дали политиката на албанските партии се крои во Тирана, на што тој одговори:

„Ни Албанија, ниту Косово не се тие кои ја изготвуваат политиката за Албанците во Македонија. Ние имаме свои цели, своја програма, но секоја помош со истомислениците е добредојдена, како и од меѓународната заедница“, вели Ахмети.

Според него, албанските партии треба да се обединат за постигнување успешни реформи и од тоа не треба никој да се плаши. За Еди Рама, тој вели дека не е главниот обединител на Албанците во регионот, туку тој само ги олеснува работите.

Претседателот на ДУИ, тврди дека се уште не почнале официјални разговори со ниту една страна за коалицирање во Владата, и го одбегна одговорот на прашањето дали можеби нема да влезе во Владата ако не се прифатат условите содржани во документот.

На вчерашната средба во Тирана со премиерот Еди Рама беа Ахмети, лидерот на ДПА-Движење за реформи Зијадин Села и Билал Касами од движењето БЕСА.

Ахмети очекува кон заклучоците на документот од Тирана да се приклучи и ДПА, која единствено не беше на вчерашната средба.