Од:

Ахмети за Алсат: ДУИ оди на избори, тоа да го направи и СДСМ

ДУИ ќе учествува на изборите на 5 јуни, потврди лидерот Али Ахмети.

Тој вечерва во интервју за емисијата „Патот кон“ на Алсат М го повика лидерот на СДСМ Зоран Заев да го преиначи ставот и да гледа, како што рече, да остане во процесот за доброто на земјата и на неговата партија.

– Тие не треба да се самоисклучат, туку треба да бидат дел од процесот бидејќи нема да има корист ниту СДСМ ниту нивните гласачи, рече Ахмети.

Тој е сигурен дека во следниот период ќе има контакти со олеснувачи и помагачи на Договорот од Пржино.

-Да се почитува овој Договор и самото почитување на Договорот ќе значи дека сите партии треба да се дел од процесот на одржување на изборите на 5 јуни, рече Ахмети.

На прашањето дали е можна средба и на четворицата лидери на најголемите политички партии, Ахмети вели дека не мисли оти една таква средба може да се организира и дека на потег се меѓународните претставници.

-Сега мислам и моја проценка е дека следува работата на нашите меѓународни пријатели кои треба да разговараат и да бараат објаснување од Зоран Заев зошто тој дал таква изјава, која според мене е малку избрзана. Сите опозициски партии прават постојани притисоци врз партиите на власт за да организираат предвремени избори и овој случај ме изненадува. Тој треба да е единствен глас кој треба да бара предвремени избори со цел да се реши кризата и работите да се стават во насока на конечно решение, изјави Ахмети.

За лидерот на ДУИ, единствен начин да се постават работите во вистинска насока е одржување избори на 5 јуни и тоа нема алтернатива.