Од:

Албанскиот јазик редовен џокер на ВМРО-ДПМНЕ за политички пазарења

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, без присуство на опозицијата, на 25 јули 2008 година за само 3 минути и 33 секунди го изгласаа Законот за употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа. Законот го предложија пратениците Али Ахмети и Тахир Хани и побараа да се донесе по итна постапка.

„Во име на Демократската унија за интеграција ние предлагаме овој Предлог закон за официјална употреба на јазиците во Република Македонија, имајќи ги предвид политичкиот договор за владино коалицирање е подготвен еден предлог на закон за употребата на албанскиот јазик на ниво на централни органи и на ниво на единици на локална самоуправа“, изјави пратеникот Тахи Хани од ДУИ (25 јули 2008)

За законот немаше никаква расправа од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. „За“ гласаа сите 75 присутни пратеници.

Со овој закон,  јазикот што го зборуваат најмалку  20% од граѓаните во Македонија почнува да се употребува  во сите служби Собранието,  комуникација  на  граѓаните со институциите, при издавањето на лични документи, примена на полициски  овластувања и во локалната самоуправа.

Следниот ден на 26 јули Собранието ја избира новата влада на Никола Груевски во коалиција со ДУИ, без присуство на опозицијата.

Што му претходеше на донесување на законот

На 1 јуни 2008 се одржаа предвремени парламентарни избори. Партијата на Али Ахмети бараше нови избори за да се исправи претходната состојба во која ДПА, партијата со помал број на освоени мандати, ги претставувала Албанците во Владата. На изборите  Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 63 мандати, ДУИ доби 18 пратеници и потоа заедно со победничката коалиција формираше Влада.

Бомбите на СДСМ открија каква заткулисна игра имале коалиционите партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за да се донесе овој закон.

Разговор меѓу Никола Груевски и Силвана Бонева

НГ: Еј Силвана, вечерва со ДУИ завршивме.

СБ: Конечно.

НГ: Конечно.

СБ: Е браво.

НГ: Е сега од утре почнува маката. Имплементација.

СБ: Имплементацијата, а!?

НГ: Да, така да наредни 7-8 дена ќе бидат тешки за нас многу. Мој избор е тоа да бидат веднаш, а не да чекаме после септември-октомври. Тоа што сме превзеле негативно да го истуркаме сега.

СБ: Веднага да биде. И најубаво, летото сега…

НГ: Веднаш, и да сме на раат после цел мандат. А?

СБ: Летото сега и после цел мандат да бидеме на раат.

НГ: Не летото, до следната недела да се заврши. После кога ќе дојде владата да се бира, тоа да е више завршена работа.

Разговор меѓу Трајко Вељаноски и Гордана Јанкулоска

ГЈ: Денес узбуна ти направивме.

ТВ: Да бе.

ГЈ: А бе јас баш ради тоа и ти се јавувам. Адеми ми рече дека овој за јазиците го потпишале и го доставиле закон.

ТВ: Да, да, да. Па им го направивме, го потпишаа, го доставија. Сега им го дадов и за знамињата, и тој го потпишаа, и автентичното тоа.

ГЈ: Така. И значи све е у нашиот дел формално…

ТВ: Со индијанциве све е во ред. Е сега со македонскиве…

ГЈ: Ха ха, со нашиве…

ТВ: … македонскиве индијанци утре што ќе правам, ха ха.

Претседателот Бранко Црвенковски стави вето на законот

На 4 август 2008 година тогашниот претседател Бранко Црвенковски испраќа допис до Вељаноски дека не го потпишува Законот и го користи правото на вето, со образложение дека е донесен по итна постапка. Собранието во тој момент е распуштено, а пратениците се на годишен одмор. Спикерот Вељаноски свикува итна седница и со смс пораки ги повикува сите пратеници. На седницата доаѓаат и пратениците од СДСМ и коалицијата. Пратениците од опозицијата негодуваат зошто се свикува итна седница и ги обвинуваат колегите од ВМРО-ДПМНЕ за квази патриотизам.

„Денес граѓаните на Република Македонија ќе видат дека квази патриотите од ВМРО ДПМНЕ паднале на тепих. На 25 јули, користејќи го не присуството на опозицијата, во услови на непостоење на политички дијалог да донесете еден вака сериозен закон. Па, нели почитуваниот Владимир Ѓорчев леб не јадеше за да не дозволи употреба на албанскиот јазик онаму каде му е местото, на Педагошката академија. Под шатори спиеја младите јуришници на ДПМНЕ“, рече Весна Бендевска од СДСМ (4 август 2008).

Пратеничката Шекеринска ги потсети пратениците од ВМРО-ДПМНЕ како постојано изигравале патриоти и фрлале со дрвја и со камења по СДСМ нарекувајќи ги предавници кога носеле закони кои произлегуваат од Охридскиот рамковен договор.

„Вие ВМРО-ДПМНЕ не убедувавте дека ако еден таков закон стане дел од обврските на Македонија дека Македонија ќе пропадне. Е па кај се сега сценаријата ваши, господа пратеници. Каде е таа тврдоглавост и удирање со глава во ѕид која што ја правевте две години. Или не ве болеше затоа што главата беше на Македонија, а вие си игравте политика“, рече Радмила Шекеринска од СДСМ (4 август 2008).

9 години подоцна, март 2017

 

Груевски по изборите на 11 декември 2016 не успеа да договори коалиција со ДУИ. За разлика од 2008, сега постои Специјалното јавно обвинителство кое беше причина за разделбата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Тоа денеска од собраниската говорница го потврди и пратеникот од ДУИ, Џевад Адеми.

„Еве веќе кога сакате отворено да ви кажам, проблемот со коалицијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, не беше Законот за јазиците, туку СЈО, односно продолжување на мандатот на ова обвинителство. Не беше проблем ниту Законот за јазиците, ниту пак тоа претседател на Собранието да биде од ДУИ. Проблемот беше само мандатот на СЈО“, изјави Џеват Адеми од ДУИ (28 март 2017).

Груевски сега бара нови избори, а претседателот Ѓорѓе Иванов одбива да му го довери мандатот на СДСМ и Зоран Заев. Причината е платформата на албанските партии. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го повика народот на протести под изговор да спречеле федерализација на државата и воведување на двојазичност.