Од:

Аналитичари: Итањето на избори нема да значи крај на кризата

На избори на кои би излегле само владејачките партии не станува збор за избор, ниту една власт не брза  за таков процес како во Македонија, а доколку тие сепак се одржат на 5. јуни, не значи дека осомничените би се спасиле од обвиненија, сметаат аналитичарите кои ги консултираше НОВА.

Вчера опозицискиот лидер Зоран Заев соопшти дека СДСМ нема да учестувува на изборите на 5 јуни, бидејќи не се исполнети минималните услови од Пржино. Според него, мнозинството членови на ДИК одлучиле воопшто да не се проверуваа спорните 124.000  гласачи.Нивните теренски проверки се до половина завршени, а власта во Собранието го одби и Закон за медиумите.

Иако не сакаше да прецизира дали со ова практично Договорот од Пржино е мртов, Заев очекува власта да се дрзне кон целосно укинување и на Специјалното јавно обвинителство во следниов предизборен период. Освен СДСМ, бојкот на изборите најавија и помалите партии Левица, Демократскиот Сојуз и ДОМ, додека од останатите се уште енма официјален став.

Според аналитичарот Исмет Рамадани, доколку изборите се случат на 5. јуни, тогаш тоа не значи крај на кризата.

-Јас не верувам дека и меѓународната заедница би признала избори на кои би настапиле само владејачките партии. Власта брза на избори со цел да обезбеди поголем конформизам, нарушен со „бомбите“ и специјалното обвинителство. Не би ме чудело да се дрзнат да се укине и Специјалното обвинителство, што би значело  преминување кон друг систем – тоталитаризам, кој на крај би било фер јавно и да ни се соопшти. Со тоа нема ни „И“ од интеграција, ниту никаков просперитет, смета Рамадани.

Според поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски, Специјалното јавно обвинителство би требало да продолжи со ист интензитет да работи на постапките, бидејќи, токму тоа е последната надеж во борбата за слободна Македонија.

-Во овие апсурдни настани, со ваква власт, не би ме чудело Уставниот суд да ја извади од фиока иницијативата за оценување на уставноста на Специјалното обвинителство и да се оди кон негово укинување. Сите прогресивни сили во земјава мора да размислат за порадикален судир со врхушката на власт, во спротивно власта може да се тргне и кон уништување на СЈО, смета Ивановски.

Засега од владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се уште нема никаква реакцијата по најавениот бојкот на СДСМ, а нема ништо ново ниту во денешниот одговор од Европската комисија.

Портпаролката на комесарот Хан, кој инаку во моментов е во посета на Тунис, изјави дека Комисијата од блиску ги следи настаните во Македонија. Комисијата смета дека е витално работата за фер избори на продолжи а ЕУ ќе продолжи да се ангажира на терен заедно со нејзините меѓународни партнери.

Во Македонија „има политичка криза која ние ја олеснуваме со партнерите во земјата а во интерес на земјата, и пред се на граѓаните, е ова да биде решено и се надеваме дека партиите ќе останат посветени на оваа цел и она што беше договорено во Пржино во однос на изборите но исто така во однос на реформските приоритети кои, повторувам, се во интерес на земјата и нејзиниот народ”, рече портпаролката.

Вчера Собранието се распушти без да се констатираат оставките на министрите и заменици од СДСМ, што според Заев, значи дека тие намерно се држат како заложници во Влада која нема да спроведе фер избори. Од СДСМ најавија дека денеска ќе ја соопштат нивната одлука и за тоа дали ќе ги повлечат и нивните членови од Државната изборна комисија, што би значело комплетно повлекување на СДСМ од сите институции надлежни за спроведувањето на предвремените избори.

ЕК: Треба уште работа за фер избори