Од:

Андов:Очекувам Иванов да го даде мандатот и седницата да продолжи

Мислам дека тука тактички се погреши од страна на трите партии на Албанците во Македонија што некако лошо го поставија целото прашањето на реформите. Настрана каде е подготвена таа платформа, туку и што тоа се постави како документ земи или остави, да нема разговор за тоа, вели првиот претседател на Собранието во независна Македонија Стојан Андов во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

„Кога нешто се сака да се постигне како договор има смисла само ако за тоа се разговара и ништо претходно не е готово и не е непроменливо. За се може да се разговара.

Тоа беше таа грешка и таа грешка придонесе за една голема да речам национална мобилизација на Македонците. Мислам дека во цела таа работа има многу фалш работи, многу погрешно разбрани работи погрешно сервирани работи и мислам наскоро кога ќе почнат да се разјаснуваат работите ќе се смири и таа мала нервоза во меѓуетничките односи“, рече Андов во интервјуто.

Според Андов, продолжувањето на седницата е можно секогаш, во секој момент и би било корисно, што поскоро да продолжи таа седница, да се избере претседател на Собранието. Но, за тоа не се пречки демонстрациите. Во минатото колку пати ние сме држеле седница на Собрание, па дури ни влегуваа и во зградата, во 2001 особено тоа беше таков случај. Ние не престанавме ниту во еден момент да работиме.

„Причината е што е малку поширока оваа криза. И тоа не е криза само на Собранието и неговата работа, туку централно место е сега што ние не може да избереме влада. А тука меѓу другото е и овој став на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов кој, ете, има свои причини, ги кажува и одбива да го даде мандатот на Зоран Заев, кој пак има легитимно мнозинство во парламентот и тој спор треба што поскоро да се реши. Кога ќе се реши тој спор, ќе се реши и продолжувањето на работата на Собранието.

„Очекувам јас со нужни образложенија во скоро време Иванов да ја промени одлуката и да го даде мандатот на Заев, со тоа што ќе си сочува право и ќе бара право кога ќе се бира Владата да му се овозможи специјално обраќање во Собранието каде ќе ги каже сите овие негови забелешки. Тоа може да биде солуцијата која би можело да значи да почне да се работи веќе“, рече Андов.