Од:

Ангеловски: Три бода против Израел и Италија полна капа

Селекторот на репрезентацијата на Македонија објави список со 19 играчи за двата претстојни настапа во Скопје во квалификациите за СП 2018. Кам-бек во националниот тим за Богатинов, Трајчевски и Јаховиќ.  

Фудбалската репрезентација на Македонија со три измени во составот за дуелите со Израел и со Италија во однос на оној што се подготвуваше и настапи против Албанија во Скадар во квалификациите за Светското првенство во Русија во 2018 година. Првата се однесува на голманската позиција. Наместо Столе Димитриевски овојпат е повикан Мартин Богатинов чија конкуренција за место меѓу стативите ќе биде конкуренција Костадин Захов. Втората се однесува на средниот ред, поточно, во делот на последни играчи за врска. Трет репрезентативен повик доби капитенот на Работнички, Душко Трајчевски кој заедно со Петровиќ, Стјепановиќ и Спировски. Останатите тројца се Ферхан Хасани и Езџан Алиоски и Никола Ѓорѓев  чие формациско дејство е поофанзивно од претходните.

Ново и име, за разлика од мундијалската премиера, и во нападот. Кон четворката Пандев, Тричковски, Б. Ибраими и Несторовски е додаден и Адис Јаховиќ. На списокот на селекторот Игор Ангеловски се вкупно 19 играчи за претстојниот двомеч во Скопје. Поради повреда го нема Агим Ибраими, а измени нема единствено во одбраната. За линијата пред голот во игра е истата петорка – Леонард Жута, Ванче Шиков, Даниел Мојсов, Кире Ристевски и Стефан Ристовски.

„Го повикав Богатинов бидејќи неговото искуство и присуство може да биде драгоцено за тимот. Со Трајчевски и Јаховиќ се заокружува идејата да имаме фудбалери од сите профили на подготовките“, порача Игор Ангеловски по соопштување на списокот.

Според информациите на стручниот штаб, пријава за ситна повреда доаѓа од Кипар од Иван Тричковски. Офанзивниот крилен играч на АЕК Ларнака, сепак, ќе допатува на собирот на репрезентацијата.

„Тричковски има проблеми со повреда што се надеваме дека не е од сериозна природа. Го очекуваме во Скопје и посакуваме да го имаме барем за мечот со Италија“, дополни предводникот на националниот тим.

Во стручниот штаб се свесни дека нивото на игра мора да се подигне ако се сака успех во настапите што следуваат. Ова особено се однесува на одбраната што ја потенцира и самиот Ангеловски.

„Не можеме да бидеме задоволни од реакцијата при двата примени гола во Скадар. Тие играчи се сепак мој избор и мојата доверба во нив останува. На гости ни доаѓаат две квалитетни селекции. Израелците се одлично технички потковани и брзи , дел од нив играат во реномирани клупски средини и националн и првенства. За Италијанците не е потребно да се трошат зборови кои се, што се и каков фудбал играат и како такви се апсолутни фаворити. Ќе бидам задоволен со секој освоен бод од двата меча, вкупно три би биле одлично завршена работа“, нагласи Ангеловски.

Собирот на репрезентацијата е закажан за понеделник (3 октомври) во Скопје. За попладнето (18.30 ч.) е планиран и првиот тренинг на комплексот терени „Петар Милошевски“ при Фудбалската федерација на Македонија на кој националниот тим ќе работи и ден подоцна од 17.30 часот. Последниот е предвиден на 5 октомври на „Филип Втори“ од 18 часот. Дуелот со Израел е на 6 октомври со почеток во 20.45 часот, термин во кој ќе играме и со Италија три дена подоцна на националната арена. Билетите се веќе пуштени во продажба и може да се набават по цена од 300 до 500 денари во зависност од местото и трибината на стадионот. Македонија ги почна квалификациите за СП 2018 со пораз (2:1) на гости од Албанија. Мечот во Скадар имаше два дела и се играше во два дена поради силно невреме проследено со обилни врнежи. Прекинот се случи во 77 минута при резултат 1:1, вториот гол Албанците го постигнаа во преостанатите 13 минути наредниот ден.

Список на фудбалската репрезентација на Македонија за дуелите со Израел и со Италија во квалификациите за СП 2018

Голмани: Костадин Захов (Шкендија), Мартин Богатинов (Етникос Ахна/Кипар)

Одбрана: Ванче Шиков (Нефчи/Азербејџан), Даниел Мојсов (АЕК Ларнака/Кипар), Кире Ристевски (Вашаш/Унгарија), Леонард Жута (Риека/Хрватска), Стефан Ристовски (Риека/Хрватска)

Среден ред: Милован Петровиќ (Осиек/Хрватска), Остоја Стјепановиќ (Сласк Врослав/Полска), Езџан Алиоски (Лугано/Швајцарија), Ферхан Хасани (Шкендија), Никола Ѓорѓев (Грасхоперс/Швајцарија), Стефан Спировски (Вардар), Душко Трајчевски (Работнички)

Напад: Горан Пандев (Џенова/Италија), Илија Несторовски (Палермо/Италија), Иван Тричковски (АЕК Ларнака/Кипар), Бесарт Ибраими (Шкендија), Адис Јаховиќ (Гезтепеспор/Турција)