Од:

Антиќ доби нов соиграч од Ц. звезда: Фенербахче го потврди Гудуриќ

Фенербахче со успех заклучи уште еден шопинг во Белград. Европскиот кошаркарски првак го потврди трансферот на Марко Гудуриќ од Црвена звезда кој пристигна во Истанбул како замена за Богдан Богдановиќ.

Турскиот клуб не соопшти детаљи за ангажман на младиот српски кошаркар и репрезентативец што, сепак, ги откри Небојша Човиќ, претседател на „црвено-белите“. Според него, белграѓани ќе добијат еден милион евра плус 20 отсто од наредниот трансфер на Гудуриќ.

Потпишаниот договор е на четири години и тој е втор кошаркар во составот на Жељко Обрадовиќ ова лето по Николо Мели. Фенербахче претходно ја продолжи соработката со Луиџи Датоме, Костас Слукас, Никола Калиниќ и Барис Херсек. Освен со Богдановиќ, континенталниот првак се раздели и со Јудо Екпе.