Од:

Антиќ во ново финале во Евролигата: Фенербахче и Олимпијакос по титула

Фото: euroleague.net

Перо Антиќ ќе биде дел од ново, четврто, финале во кошаркарската Евролига. По двете со Олимпијакос во 2012 година и во 2013 година во кои ја освојуваше титулата, во недела (20 ч.) ќе атакува на трета во кариерата, прва и со Фенербахче против неговиот поранешен клуб од Пиреја.

Турскиот состав обезбеди втор меч за титула во низа во елитното натпреварување по триумфот над Реал Мадрид со 84:75 (по четвртини: 21:13, 23:21, 19:16, 21:25) во полуфиналето на Фајналфор турнирот во Истанбул.

Фото: euroleague.net

Македонскиот интернационалец остана без минутажа вечерва во „Синан Ердем Дом“ со надеж дека, сепак, ќе добие од Жељко Обрадовиќ во неделното финале што во ниту еден момент не беше доведено во прашање. Реал Мадрид имаше водство само во воведниот период од мечот по што Фенербахче ја презеде играта, наметна ритам, го контролираше текот на настаните и не дозволи нарушување на славеничката атмосфера.

Четворица колеги на Антиќ постигнаа двоцифрен број поени. Најефикасен меѓу нив беше Екпе Удох со 18, Богдан Богдановиќ реализира 14, а по 12 уфрлија Јан Весели и Никола Калиниќ. Првиот стрелец во натпреварот го даде шпанскиот клуб. Одличниот Серхио Љуљ даде 28 коша, поддршка имаше од Џејси Керол кој заврши со 21 меѓутоа трет расположен човек во ростеротна Пабло Ласо немаше.

Фото: euroleague.net

Олимпијакос, во првото полуфинале, ја совлада ЦСКА М., бранител на титулата, со 82:78 (по четвртини: 18:12, 22:21, 24:27, 14:22). Василис Спанулис, Јоргос Принтезис и Костас Папаниколау постигнаа по 14 поени, Вангелис Манцарис беше стрелец на 12. Централни фигури кај московјани беа Милош Теодосиќ со 23 коша, Нандо де Коло со 16 и Арон Џексон со 12.

Евролига – Фајналфор (Истанбул)

Полуфинале

Фенербахче – Реал Мадрид 84:75

Олимпијакос – ЦСКА Москва 82:78

Финале: Фенерхаче – Олимпијакос (недела, 20 ч.)

За трето место: Реал Мадрид – ЦСКА Москва (недела, 17 ч.)