Од:

Апелација: СЈО инсистира на притвор за Аљими, координатор на ДУИ

Фото ТВ21

Апелација денеска на една од петте седници ја разгледува жалбата на СЈО за неприфатеното барање за притвор на Ејуп Аљими,  кооординатор на пратеничката група на ДУИ, обвинет во предметот Титаник 3 за уништување на изборен материјал.

СЈО бараше притвор, но Кривичен го одби ова барање како неосновано.

Во образложениото од Кривичниот совет на Основен суд Скопје 1, се наведува дека СЈО се сомневало дека Аљими може да влијае на сведоците. Но судот не го прифатил тоа. Од исказите на сведоците не произлегло дека тој претставува закана по нив, по што му се определени мерки на претпазливост.

СЈО смета дека со неговиот сопартиец, Исмет Гури за време на изборите во 2014 цело време бил присутен во ОИК во Чаир, со што поради финкцијата што ја имал можел сериозно да влијае. Обвинителката од СЈО, Фатиме Фетаи пред Кривичниот совет во Апелација рече дека првостепениот суд не ги ни разгледал приложените докази.

Според неа, од исказите на двајца сведоци сослушани во текот на постапката произлегло дека кај нив имало страв по личната безбедност. Првостепениот суд можел да определи друга мерка кога веќе не определил притвор, а тоа е забрана за контакт со определени лица, смета СЈО.

Одбраната на Аљими смета дека тој никогаш не бил во контакт со нив и дека со тоа е исклучена можноста за влијание. Ејуп Аљими рече дека сака да се утврди правдата и дека ова е пародија.

Пред апелационите судии е и жалбата на СЈО за неопределениот притвор за Никола Бошковски, вработен во УБК а обвинет во споениот предмет Тврдина и Таргет.

Обвинет е за злоупотреба на службената положба и фалсификување службена исправа. Кривичен совет за него определи мерки на претпазливост, односно му го одзеде пасошот. И тој се жали пред Апелација за оваа мерка. СЈО смета дека и тој може да влијае на сведоци, одбраната тврди дека нема докази за такво нешто.

СЈО бара преиначување на одлуката на првостепениот суд и бара да му се определи притвор. Обвинителката од СЈО, Ленче Ристоска рече дека постои опасност од бегство и можност за влијание на сведоците.

Апелациониот суд почна да ги објавува одлуките по жалбите за мерките што им беа изречени на обвинетите во случаите што ги отвори Специјалното јавно овинителство.

Според објавените одлуки без пасош остануваат уредникот на Телевизија Сител, Драган Павловиќ Латас, поранешниот вицепремиер за економски прашања, Владимир Пешевски, поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта Љупчо Георгиевски, како и вработениот во МВР, Небојша Стајковиќ, обвинет во случајот „Трезор“, за набавката на опрема за следење преку фирмата „Финзи“.

Мерките за претпазливост остануваат и за браќањата на Латас-Звездан и Срѓан Павловиќ, обвинети во случајот „Тревник“. И денеска продолжуваат јавните седници по жалбите на обвинетите за случаите на СЈО. Иако за поголем дел од обвинетите СЈО бараше притвор, сепак кривичните совети на сите обвинети им одредија поблаги мерки.