Од:

Апелациски суд: Сеад Кочан е во бегство

Апелацискиот суд денеска потврди дека осомничениот Сеад Кочан е во бегство. Судот ја објави целосната одлука со која му го потврди притворот од 30 дена на Кочан. Во одлуката се наложува на овластените службени лица од МВР, СВР, Единица за извиди и потраги и Одделението за потраги по пронаоѓање, веднаш да го лишат од слобода, Сеад Кочан и да го известат Кривичниот суд.

„Според причините наведени во образложението произлегува дека осомничениот Кочан е во бегство и е недостапен за органите на прогон и се до овој момент на постапката нема никакво сознание каде тој се наоѓа“, пишува во одлуката на судот.

Во образложението на судот се наведува дека Кочан неколку пати бил побаран на пријавената адреса и дека на 9.3.2017 година во 14 часот попладне ја напуштил Македонија. Според образложението на адресата на која бил пријавен Кочан била затекната неговата сопруга која не знаела да посочи каде може да биде нејзиниот сопруг. Како што е наведено во судската одлука, од овие причини била распишана меѓународна потерница и екстрадиција.

Сеад Кочан е осомничен во случајот „Труст“ на СЈО и се сомничи дека со фалсификувана документација добил тендер од ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра.