Од:

Аплауз, академиче Маџунков

 

Секогаш кога МАНУ ќе го крене гласот, кога ќе застранат во опасен десен правец, препорачливо е, конечно тоа не учи и советува поновата историја, да се тргне по друг пат, за да не ни се сретнат патиштата, ниту одблиску да не се допреме со овие Мојсии (Конески).

Секогаш во вакви околности треба да се консултира Конески, но во многу случаи, а моментите тоа го бараат многу често, би сакала тој, таткото на нацијата, да има разбирање- зошто е важно да  се бодат очите, особено на оваа закоравена, националистичка и паразитска институција, за која не бил свесен во што ќе се претвори низ годините.

Да и се бодат, додека не прогледаат и не им се разбистри умот, отруен со омраза, страв и бес кон сите оние кои не говорат македонски јазик, кои не се Македонци и, по автоматизам, не се надлуѓе и небесен народ.

Лелеците на Маџунков за двојазичноста 

Последното излегување на член на МАНУ, а тоа е таква реткост, но не мешајте ја со скапоценост, е она на академик Митко Маџунков за една телевизија, на која заради хигиенски причини е препорачливо да не и се спомене името.

Академик Маџунков, како и секој добар, вреден и самопрегорен патриот, пророшки настроен, замислен, загрижен голем Македонец, вели дека “двојазичноста не е можна”, дека “таа е експеримент” и ”ова оди вон контрола”. Пропаст господа- со други зборови, јазикот на библискиот македонски народ ќе исчезне, алармот е вклучен, опасноста демне над лулката на цивилизациите. Груевски станал мрзелив по последно време, затворен и изолиран во својот бункер, чекајќи ја апокалипсата на СЈО и заборава дека треба да ја спаси Академијата, а после и нас, најпрво нас, би предупредила.

Тоа сме ние, оние загубени души, кои Манџуков не замислува како стадо овци, на кои единствениот можен јазик може да им биде тромавото блеење, но тој смета и на патриотско бдеење над секое поинакво испуштање звук, глас, тон, кој застранил од препознатливото и единствено прифатливо македонско писмо.

На готовс господа, веднаш треба да се формира јазична полиција на чело со Маџунков, која ќе ги контролира големомакедонските домови неизветреаните од други слова одаи, тесните, непрочистени од немакедонска трага сокаци, па дури и соништата, за да се има контрола врз секоја мисла, говор, сон, слика, секој оној кој застранил на друг јазик, што не е македонски, а е албански, по ѓаволите.

Притоа, тој опасно се заканува: “Треба сите да се изјаснат за Македонија или да се бараат други решенија”, небаре двојазичноста е терористички, антидржавен елемент, за кој сите треба да се мобилизираме и наоружаме во одбрана на единствениот можен јазик- македонскиот, инаку пропаста (читај: албанскиот јазик) ни виси над главите и лесно може да ни ги скине, согласно фактот дека Маџунков живее во мрачниот, среден век.

Српски чувари на клучевите на државата

Академикот е инаку бескомпромисен негувател на македонскиот јазик, особено војнички се држи во тоа љубоморно чување на јазикот, но слушнете како, ве молам. Додека говори, тој ги меша српскиот и македонскиот, веројатно остаток од белградските денови, што некому можеби му звучи крајно сомнително и субверзивно, но мене бурлескно и урнебесно, особено во ваков контекст, кога станува збор за човек кој вели дека ги држи клучевите на државата и јазикот и не дава никој да помисли на друг јазик, освен македонскиот, амин.

Стравот од пропаст оди понатаму кај Маџунков, кој понатаму вели дека изборите не се легитимни, затоа што 70 илјади Албанци гласале за македонска партија, што вели дека “тоа значи дека тоа е организирано”.

Пародијата оди понатаму, кога тој сега објаснува што ни сториле соседите во Букурешкиот договор, вели дека Македонија “ја разграбија и ја направија партал” , што во епски размери ова звучи потресно, особено ако знаеме дека македонска држава не ни постоела, или можеби постоела во преполната со тајни и судбоносни пораки во главите на МАНУ?

Не ме сфаќајте погрешно, немам против Македонија да останела цела, античка, бескрајна, со вселенски размери, светот да сме го опустошеле и заробиле, ние да сме останеле единствената ѕвездена патека во целиот Универзум.

Она што ме мачи- дека и тогаш, дури и во таков крстоносен поход на уништување од катаклизмични размери на се што не е македонско, ќе сме останеле провинцијални, мали и без ни малку душа и за најтивкото ветре што ќе не допре а што нема да го препознаеме дека доаѓа од нашето заостанато племе.

Единственото што се согласувам со академик Маџунков- е дека само Србија не настапила агресивно по прашањето на името и- уште полошо, Македонија да ја снема, за што сите се залагале, освен драгите браќа Срби, следниот библиски народ од кој морници не полазуваат. Став за аплауз, особено по долгогодишното инсистирање на дел од српските политички елити да бидеме нарекувани БЈРМ.

Ехото татни од Мечкин камен

Така е, проповеднички вели онаа што клима потресено со главата и го викнала во студио академикот, која се одзива на името Билјана Трендафилова, а се претставува како новинар, облечена во бело, за да го дочека крајот на светот во невина, препарина античкомакедонска форма. Рецитира потресено, ехото се слуша дури и од Мечкин камен: “Така е академиче,  како да си ги сочуваме националните интереси, јазикот, државата, ниту една политичка партија да не тргува со нив и додава- ааах, пукајте, јас и понатаму ќе крекам како да ме коле клетиот Заев и предавничката, платеничка  опозиција која го љуби и албанскиот јазик.

И за крај, Манџуков на прашањето зошто МАНУ не е поактивна и често избегнува да реагира, вели: ” МАНУ е една сериозна и традиционална организација која не може да реагира така ад хок, на се што ќе се случи. ” Генијална проценка за молчење, секоја чест, уште една причина за аплауз и овации за закржлавеното гнездо, кое сега се испилува, откако албанскиот јазик библиски ќе ја потопи земјата. Притоа, тој најавува дека сега во МАНУ, “кога државата е  во прашање како сега”, мисли на двојазичноста, моментално се дискутира за еден текст, “ајде, да го наречеме, некое „начртание, кое ќе даде некоја контура за тоа што е Македонија и што треба да биде”.

Одлично замислено и кажано академиче, зарем навистина и може да се очекува поинаков, историски меморандум од МАНУ, освен тоа начртание кое го најавувате, по урнекот на славното, за вас непрежалено САНУ.  Што може друго тоа ваше начртание, освен да ја продлабочи дупката во која оваа држава пропадна, благодарејќи на закотвената и заглибена во покорното молчење на МАНУ, интелектуалното мочуриште на совеста на државата. Аплаузот ќе ви го врачи песната “Прво дојдоа…”:

 

Als die Nazis die Kommunisten holten,

habe ich geschwiegen;
ich war ja kein Kommunist.

Als sie die Sozialdemokraten einsperrten,
habe ich geschwiegen;
ich war ja kein Sozialdemokrat.

Als sie die Gewerkschafter holten,
habe ich nicht protestiert;
ich war ja kein Gewerkschafter.

Als sie mich holten,
gab es keinen mehr, der protestieren konnte.