Од:

„Билд“ објави, Ѓоковиќ потврди: Крај на соработката со Бекер

Новак Ѓоковиќ и Борис Бекер продолжуваат секој по својот пат. Германските медиуми објавија крај на соработката, „Политика“ пишува дека српскиот тенисер ја потврдил разделбата како заедничка одлука. Со ова се покажаа како вистинити гласините за ваквата можност на крајот на годината што почнаа да кружат во летниот период.

Ѓоковиќ, под водство на Бекер, во минатите три години освои шест гренслем трофеи и победи на вкупно 25 турнири меѓу кои и на долгоочекуваниот Ролан Гарос, 14 Мастерси и два завршни турнира во сезоната. Од 2014 година во стручниот штаб на Србинот е присутен и Марјан Вајда. Во втората половина од оваа сезона, наводно поради лични проблеми и повреди, Ѓоковиќ ја загуби големата предност што ја имаше на АТП листата и годината ја заврши на второто место.

Во меѓувреме се појавија гласишта дека Ѓоковиќ ќе понуди продолжување на соработката со Бекер кој, пак, наводно се противел на една личност во тимот. Германецот, според „Спорт Билд“, имал проблем со распределба на надлежностите во стручниот штаб, агенцијата „Танјуг“ како проблем за Германецот го посочува Пепе Имаз кој е задолжен за менталната сила за српскиот тенисер.