Од:

Битола протестира: Приоритет ни е животот а не политиката

Додека политичарите и нивните поддржувачи одржуваат изборни митинзи во Битола во денес, утре и задутре, битолските граѓани ќе го блокираат патниот правец за РЕК Битола како протест поради загадениот воздух.

Така Битолчани денес му приредуваат “изненадување” на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија а истата порака му ја праќаат и на СДСМ кој одржува митинг во Битола на 3 декември.

Оттука, протестот на Битолчаните ќе трае три дена бидејќи не сакаат нивното незадоволство да биде партиски етикетирано. Проблемот на загадување од РЕК Битола е проблем за целата држава.

„Ако на политичарите им е приоритет политиката, нас приоритет ни е животот. Се најавува гасификација на Битола, кога ќе биде тоа, за 10 години. Што дотогаш? Зарем ќе умираме и понатаму од болести предизвикани од загадениот воздух? Ова е крик на граѓаните, нашите деца и потомци“, изјави Илија Балтовски од „За нас се работи“.

ilija-baltovski

Илија Балтовски од „За нас се работи“

Во репортажата на НОВА за РЕК Битола (која можете да ја погледнете тука), Балтовски открива еден застрашувачи податок:

“Бевме присутни на една дебата кога се носеше државната стратегија за енергетска ефикасност до 2030 година. Луѓето кои беа присутни како академици, инсистираа на јагленот оправдувајќи се дека тоа е најисплатива варијанта и се друго би било прескапо за нашата држава. Пресметани се човечки животи во оваа стратегија. За мене и нашата организација тоа е недозволиво. Ако е така тогаш треба да бидат транспарентни и да им кажат на луѓето дека ете, ве пресметуваме како жртви за енергетска ефикасност”.

Иницијаторите на протестот, здружението „За нас се работи“ ги повикаа битолчани да излезат со автомобили, трактори, камиони за да го затворат патот за РЕК. Тие бараат субвенционирање на електричната енергија до спроведувањето на гасификацијата и режим на сообраќај во централното градско подрачје.

Јован Колевски од прес-службата на РЕК Битола, каде има 3.000 вработени, вели дека барањата на “За нас се работи” РЕК Битола не може да ги исполни.  “Сметаме дека се упатени на погрешна адреса“, вели тој.

На ова Балтовски одговара:

“Ние ништо не бараме од РЕК Битола. Нашите барања се упатени со надлежните институции а тоа се општината Битола и владата на Македонија. Сакаме да го свртиме вниманието на јавноста кон овој проблем. РЕК Битола е најголемиот загадувач во државата и тоа е официјален податок кој стои на сајтот на Министерството за животна средина”, додава Балтовски за НОВА.

Според податоците на Министерството за животна средина, минатиот четврток  среднодневните концентрации на суспендирани честички достигна 139 микрограми на метар кубен, иако дозволената граница е до 50. На годишно ниво дозволени се 35 дена со надминувања на концентрациите на МП10 честички, а во Битола пречекорувања имало безмалку тројно повеќе, односно 95 дена.