Од:

Близу 300 Роми од Прилеп вратени од граничните премини

Претставници на од полицијата од Прилеп и граничната полиција, синоќа во просториите на невладината организација „РОМА С.О.С.“ одржаа средба со жители на населбата „Тризла“, населена претежно со граѓани од ромската етничка заедница.

Најголемиот дел од присутните беа Роми кои при обидот да отпатуваат во една од земјите на ЕУ, под претпоставка дека се баратели на азил, биле вратени од македонската граница.

Една од оние на кои македонските погранични служби не ѝ дозволиле излез од државата заради сомневање дека е потенцијален барател на азил, е Филипа.

Во обидот да го посети синот во Германија, иако со себе ги имала сите неопходни документи за патување во странство, на Филипа не ѝ било дозволено да ја премине државната граница. Ноќта во 1.30 часот, била задржана, а потоа и вратена од граничниот премин Табановце.

„Имам важечки биометриски пасош, 2 гарантни писма, и од Австрија и од Германија, патничко и здравствено осигурување, но сето тоа не беше доволно за да ја напуштам државава. Им кажав дека носам 600 евра, а тие ме прашаа како мислам да поминам 90 дена со толку пари? Во гарантното писмо кое го испрати син ми, јасно пишува дека сите трошоци за мојот престој во Германија одат на негова сметка. Јас не одев ниту на печалба, ниту на шетање, туку одев да му помогнам на син ми околу обврските со бебето. Ме вратија, а јас и денес не знам зошто“, револтирано прашува Филипа.

Ибраим е сопруг и татко на петмесечно бебе. Пред извесно време, неговата сопруга и бебето биле спречени во намерата да отпатуваат во Австрија.

„Во автобусот со кој патуваа само таа беше Ромка, другите беа Македонци и Албанци. Иако ги имаше сите потребни документи, полицијата не ја пушти преку границата. Од сите патници само неа ја сметнаа од автобусот и ја вратија назад. Кога го прашала полицаецот зошто не ја пушта да помине, тој ѝ рекол „оти така сакам“. После една недела повторно пробаа да заминат, имаа со нив 2.500 евра, ама пак ги вратија. Торбата со алиштата ѝ ја клоцале со нозе. Срамно е тоа што ѝ го прават на жена со бебе само затоа што е Ромка“, вели Ибраим.

Слична е приказната на највозрасниот од нив, Реџеп. Гневен, на присутните полициски инспектори им ги покажуваше пасошот и билетот кои, сепак, не биле доволни за да му дозволат да замине на гости кај своето дете во Германија.

„Досега вкупно 4 пати сум бил на гости кај детето во Германија. Два пати сум одел авионски, два пати со автобус. Секогаш сум се враќал во законскиот рок, никогаш ни ден не сум останал подолго. Сега, последниот пат кога одев, ме вратија. Му реков „господине, кажете ми зошто ме враќате кога ги имам сите потребни документи“, тој само дрско ми рече „бегај, два пати да не повторувам“. Јас сум пензионер, зарем допрва ќе барам азил? Ова е чиста дискриминација кон нас Ромите, тоа е во прашање, нема друг проблем“, убеден е Реџеп.

Јане Толев, инспектор за прекуграничен криминал и миграции во регионалниот центар „Југ“ од Кавадарци, потенцира дека граничната полиција спроведува засилена контрола заради откривање на потенцијалните азиланти. Доколку постојат сомненија дека цел на патувањето во некоја од земјите членки на ЕУ е злоупотреба на безвизниот режим, на таквите лица полицијата не им дозволува излез од Република Македонија.

„Во последно време зачести појавата на барање азил во земјите на ЕУ. Детектирани се општините од каде азилантите најчесто потекнуваат. Просечно, секоја недела од 4 до 7 лица од Прилеп се депортираат од некоја од европските земји. Воведена е ригорозна контрола на патната документација, се прават интервјуа со лицата кои патуваат во странство, а изработен е и профил на можните азиланти“, вели Толев.

Инспекторот за прекуграничен криминал и миграции укажува на промената на законската регулатива, како и на процедурата за барање азил во најголемиот дел од државите во Европската Унија.

„Барателите на азил во државите на ЕУ не можат да се надеваат на парична помош додека трае постапката за решавање на нивното барање. Во најголемиот дел од нив, барањата за азил на лица од балканските држави се решаваат за 24 до 48 часа. Само во уште неколку земји таа постапка трае еден месец“, објаснува Толев.

Со измената на Кривичниот закон, за злоупотреба на визната либерализација предвидени се затворски казни во висина од најмалку 4 години. Доколку пак делото е сторено од користољубие, односно ако за тоа на граѓаните им се земат пари, минималната затворска казна изнесува 8 години.

Во „РОМА С.О.С.“ немаат точен податок за бројот на Роми од Прилеп кои полицијата ги вратила од граничните премини, но тврдат дека тој не е помал од 300 и дека постои тенденција на негово континуирано зголемување. За нив, ваквите показатели се потврда за систематската дискриминација кон ромската заедница во остварувањето на нивното право на слободно движење.