Од:

Бојкот на наставата и во Струмица

Учениците од прва до четврта година во средното општинско училиште „Јане Сандански“ од Струмица денеска се приклучија на бојкотот кој што го организира Средношколскиот пленум. И во двете смени наставата се бојкотираше и наместо во училниците, учениците своето време го поминаа во ходникот на училиштето.

-Веќе два месеца уредно ги следиме процедурите за изразување на незадоволството, но не наидовме на разбирање од надлежните институции, на повикот за дебата, на желбата за компромис, или пак, едноставно сослушување. Затоа со денешниот бојкот на наставата го радикализираме нашето незадоволство од новите промени за полагање на државната матура за кои сметаме дека се крајно непотребни, безкорисни и нема да го подобрат квалитетот на нашето образование, истакнаа од Средношколскиот пленум во СОУ „Јане Сандански“.

Освен во Струмица, бојкот на наставата во повеќе училишта се спроведува и во Тетово, Куманово, Охрид и Скопје.

Освен укинувањето на математика како задолжителен предмет за полагање при државна матура, средношколците бараат да се врати стариот концепт на полагање државна матура, односно да се отфрли електронското тестирање кое според нив е нефункционално и да се сопре екстерното тестирање.

* Средношколски бојкот под притисоци: Ако сакате да бојкотирате, ќе мрзнете надвoр