Од:

Борбата за живот мора да ја добиеме

Денот кога почнав да пишувам за здравството, тој ден кога се обврзав дека ќе ја следам оваа проблематика, не ни сонував низ каков трнлив и тежок пат ќе поминувам сите овие дваесет и повеќе години. Тоа се години на транзиција, на тешки породилни маки за државата,за македонскиот здравствен систем. Време на многу министри и нивните „пет минути“,  период на нивно  докажување додека уживаа навалени во длабоките фотелји.

Последните десет години  бев  сведок на распад на здравствениот системот, на погрешни реформи, на пропаднати  проекти. Веќе знаете кон што не доведе до тоа. Тоа се години во кои умираа пациенти без лекови, со ретка можност  за лекување во странство, се гаснеа животи пред моите очи. Не е пријатно сето тоа да се гледа. Додека ја пишувам колумната не знам што не очекува во иднина, какви промени ќе се случат. Но, знам, сигурна сум, дека идната власт треба да се зафати со најгорливиот од горчливите проблеми во здравството. Всушност, се работи за борба на живот и смрт.

Цела деценија мојата држава е рекордер во Европа по смртност на доенчиња. Македонија е земја која ги губи најмалите, најмилите, тие што само што почнале да живеат.  Причини има многу, велат стручњаците. Верувам дека има, сепак оправдување нема.  Стручњаците вината ја фрлаат на недоносеноста на бебињата  за која велат дека учествува со 70 проценти во смртноста, аномалиите со 12 проценти, сепсата која се движи од 5 до 7 проценти и останатите 10 проценти остануваат на недефинирани состојби, породилни трауми, задушувања и слично. Од што и да настанала, од болничка инфекција или од мајката, замислете, сепса во 21 век. А, породилните трауми, задушувањата, недефинираните состојби? Какви се тие недефинирани состојби? Толку ли не може да се открие од што починало едно новороденче? Или не смее да се каже? Па, така едноставно 10 проценти од бебињата умираат од недефинирани состојби? Зошто никој не излезе да даде објаснување за ова? Граѓаните очекуваат едноставни одговори.

И така истражувајќи дојдов до податоци, дека една од најголемите причини  за смртност на новороденчиња е породувањето со царски рез. Тоа досега никој не го кажал. Всушност, не сакал да го каже. Една докторка имаше храброст и го кажа јавно. Во нашата  држава 35 проценти  од сите породувања се со царски рез.  Статистичките податоци покажуваат дека царскиот рез, кој најчесто се прави по желба на родилките, во приватните болници изнесува неверојатни 70 проценти од сите породувања. Препораките на СЗО и на гинеколошките здруженија се таа стапка да биде најмногу 15 проценти. Но, трендот на закажување на породување со царски рез, да се темпира кога може докторот или сака родилката е присутен не само во приватните болници, туку и во јавното здравство.

Овој наплив на породувања со царски рез треба да не загрижи сите. Најмногу тие што ја кројат политиката во здравството. Каде се контролите? Или само за сечење ленти пред нови апарати не бидува?  За живот на деца се работи.

Трендот да се закаже однапред породување со царски рез, да не биде болно за мајката,  ја извртува природата на работите. Породувањето не е природно, може да донесе ризик и за мајката и за бебето. Така велат стручњаците, истражувањата. Се разбира, нема дилема доколку царскиот рез е неопходен.

Во повеќето случаи во оптек се и други игри. На пример, во болници во внатрешноста се знаат и тарифите за сумите на така однапред договорено породување со царски рез. Но, за тоа во друга прилика. Има што да се каже.

Друга ми е поентата, сега. Како можевме и зошто дозволивме цели 10 години да сме со толку висок просек на смртност на доенчиња? Европскиот просек е 5, 2 промили на 1000 родени бебиња. Во Македонија најнизок бил во 2011 та година со 7,5 промили, а сепак повисок од европскиот. Во 2000 та- 13,2 промили , во 2005 та -12, 8 промили, во 2009 та – 11, 7 промили, годинава веројатно ќе ги надминеме и овие високи бројки. Само во последното тромесечје починаа 90 доенчиња. Најмногу од нив, околу 60 проценти умираат во првите шест дена по породувањето. Каков ужас!

Каква е оваа држава која 10 години  не преземала ништо за да се спречи и намали смртноста на бебињата? Како е возможно никој да не излезе за да укаже на проблемот, да алармира? Има ли стратегија државата, Министерството за здравство за оваа проблематика? Можно ли е министерот Тодоров, но и неговите претходници, негови сопартијци или министри од коалициониот партнер да не ги интересираат новите поколенија? Како можеле да затвараат очи кога се работи за смрт на бебе, за нов живот?

Инвестициите во здравството, реконструкциите на болниците за кои велат дека ги прават, скапите апарати, не се поважни од нашите деца. Должат објаснување и вонредни мерки! Ова мора да се реши, веднаш! Затоа, идната власт треба да се зафати со најгорливиот од големите проблеми во здравството. Борбата за живот мора да ја добиеме!