Од:

Божиновски една недела штрајкува со глад, адвокатите известени денес

Новинарот Зоран Божиновски, изминатава недела штрајкувал со глад во истражниот затвор во Шуто Оризари, меѓутоа ниту неговиот адвокат, ниту Наародниот правобранител не знаеле до денеска, бидејќи не биле известени од управата на затворот и покрај барањето на новинарот.

Ова го соопшти на денешната прес-конференција, првиот човек на Здружението на новинари на Македонија, Насер Селмани, кој денеска беше придружуван од генералниот секретар на Европската федерација на новинари, Рикардо Гутиерез.

– Ние сме многу загрижени за неговата здравствена состојба која е сериозно влошена откако изминатите седум дена одбил да прими и храна и вода. За една недела тој е ослабнат 20 килограми и дневно прима два пати инфузија за да се одржи во живот, потенцираше Селмани.

Пораката која Божиновски денеска ја пренел преку својот адвокат е дека или судијката Сандра Крстиќ ќе го ослободи или тој бил решен да му заврши животот во притвор.

Новинарот кој се товари во случајот „Шпион“, на 14 септември годинава писмено ја известил управата дека ќе започне штрајк со глад поради, според него, неоправданото продолжување на притворот и одолговлекувањето на судскиот процес, кој и после шест месеци од неговата екстрадиција нема започнато, меѓутоа како што реагира ЗНМ, до денеска, никој од неговата страна не бил известен.

ЗНМ ја повикува судијката Сандра Крстиќ веднаш да го укине притворот, бидејќи во спротивно, како што изјави Насер Селмани, таа ќе биде одговорна за евентуалните последици по неговото здравје и животот.

– Повторуваме дека притворот за Божиновски повеќе не служи како мерка за обезбедување туку како казна. Очигледни се двојните стандарди на судските органи, кои лесно одредуваат притвор за новинар, но упорно одбиваат исти мерки за осомничените поранешни владини функционери. Ако судот ценел дека поранешниот премиер (Никола Груевски) од позиција на лидер на партија не може да влијае на сведоци, уште помалку новинар има таква можност да влијае на истрата, реагира Селмани.

На повикот на ЗНМ се вклучува и Европската федерација на новинари. Генералниот секретар Рикардо Гутиерез, соопшти дека македонските судови го игнорирале неговото барање за посета на Божиновски и за неговата ситуација се информира преку колегите овде.

Тој потенцираше дека тие како организација веќе го пријавиле случајот во Советот на Европа, чии препораки за безбедноста на новинарите, македонската влада ги потпиша во април годинава.

– Сепак, јас ја прашувам Владата на Македонија, кои мерки ги има преземено до сега? Колку истраги има отворено до сега за случаите на новинарите? Зошто продолжуваат притворите кон новинарите и покрај тоа што власта ги потпиша препораките на Советот на Европа? Дури и владите на земји како Русија и Турција одговараат кога ние алармираме, нагласи првиот човек на ЕФЈ.



Comments are closed.