Од:

Брисел има многу добра волја да тргне кон преговори со Македонија

Интервју со Едвард Кукан, европски пратеник од демо-христијанската група во Европскиот парламент

НОВА:

Ви благодарам што ја прифативте поканата за ова кусо интервју. Сакам да почнам со самитот во Трст. Ова е трета година на овој процес. Слушаме многу добра волја и убави зборови, но дали досега има конкретен резултат од овој процес?

Кукан:

Добро ви е прашањето. Процесот добро почна со средбата во Берлин. И самата канцеларка беше на средбата и тоа беше силно охрабрување. И сега ќе ја имаме четвртата средба и ако сето тоа биде сериозно сработено ќе има конкретни резултати. Мораат да бидат креирани институции кои ќе функционираат. Бидејќи досега, иако не сакам да бидам многу критичен, добрата волја беше постојано подвлекувана од страна на учесниците. Тоа е значајна средба со 12 влади, со шефови на влади, министри за надворешни работи, за економија, за транспорт…. Значи тоа е важна средба и мислам дека треба да има пробив на овој процес. Се очекува дека транспортен договор да биде склучен. Потоа финансиски придонес за мали и средни претпријатија, охрабрувања за приватниот сектор, креирање на сектор за младите и за програмата Еразмус која одбележа 30 години постоење годинава… Значи ако тие работи не се случат, целиот процес ќе биде доведен во прашање. Верувам дека учесниците од европската страна се целосно свесни за ова и затоа сега имаме процес кој е насочен кон акција со конкретни работи за да можат учесниците да почувствуваат дека тоа за нив ќе биде опипливо.

НОВА:

Згрешив на почетокот, реков дека е ова трета средба но вие сте во право, ова е четврта година на процесот. Во оваа рамка Германија најави процес Берлин плус. Некои ова го нарекуваат Маршалов план за Западниот Балкан. Дали знаете што е тој “плус” што доаѓа од Берлин?

Кукан:

Плусот значи дека Германија е важна земја на ЕУ и е многу имплицирана во процесот на проширување. Но оваа нова иницијатива за свикување заедничка средба на земјите членки на ЕУ и Западниот Балкан, тоа значи дека “плусот” е не само Германија туку многу поширок формат кој треба да донесе конкретни резултати за целиот регион. Јас тоа така го разбирам.

НОВА:

Ја спомнавте транспортната заедница, акцентот ќе биде ставен на економијата, инфраструктурата, развој на економска регионална зона… но дали може да ја замени вистинската европска интергација? Дали овде зборуваме за повеќе пари или за повеќе интеграција? Или двете?

Кукан:

Некои учесници од Западниот Балкан се малку загрижени дека оваа иницијатива може да биде замена за европската интеграција. Мислам дека тоа не би било добро. Сфатив дека комесарот Хан сугерирал креирање на регионален заеднички пазар но тоа не беше добро примено. За нашите колеги од Западниот Балкан целта е ЕУ и европскиот заеднички пазар и тоа не смее да биде заменето со регионален заеднички пазар. Она што треба да се очекува е широка регионална соработка во ЕУ. Затоа што интензивирање на регионалната соработка е најдобра подготовка за да може да се функционира во ЕУ. Така што чув дека балканските колеги се загрижени и нема да бидат задоволни ако ЕУ биде заменета со овој регионален процес. Мислам дека тоа ќе биде расчистено и дека едноставно ќе стане збор за поинтензивна регионална соработка за подготовка за идно членство во ЕУ.

НОВА:

Дали ова значи дека ЕУ сфати дека го загубила кредибилитетот на Балканот и сега со овој процес сака да го врати назад?

Кукан:

Кусиот одговор би бил – да! Токму тоа се случува. Неодамна сите европски институции сфатија дека има проблеми на Западниот Балкан и дека ЕУ има свој удел во овие проблеми. Во многу случаи го губевме кредибилитетот и ако не сакаме уште повеќе да го загубиме, сигурен сум дека ние во ЕУ, Парламентот, Советот, Европската комисија… треба да бидеме поактивни. Сакаме да сопре тој лош, негативен тренд. И да ја вратиме кредибилната позиција. И знаеме дека има и други играчи кои се заинтересиран за Западниот Балкан, знаеме кои се … Русија, Кина и други… Така што ова масовно учество на сите е исто така за да се врати довербата кај нашите балкански партнери, да ги увериме дека сме сериозни и навистина тоа го мислиме кога зборуваме за европска иднина.

НОВА:

Без владеење на правото на Балканот, економските реформи ќе имаат само ограничено влијание. Мислам дека сите со согласуваат околу ова. Тоа го видовме во Македонија во последните години. Дали самитот во Трст ќе стави акцент на ова? Се најавуваат работи за транспортот, економијата… но ништо за владеење на правото.

Кукан:

Тоа се нови институции што ќе бидат креирани. Но владеењето на правото, сите тие теми како корупцијата… сето тоа е се уште тука и земјите членки ја набљудуваат секоја земја посебно низ таа лупа. Иако тоа не е споменато посебно во најавите, треба да се подвлече дека сите овие работи што ќе се случат ќе имаат вистински ефект само тогаш кога ќе има владеење на правото.

НОВА:

Г-дин Кукан вие одблиску ја следите македонската интеграција. По смената на власта што се случи пред еден месец, мислите ли дека Македонија може да се надева на вистински, конкретни чекори од страна на ЕУ, на пример – датум за преговори?

Кукан:

Премногу ме прашувате. По промената на власта, ЕУ следи какви чекори ќе направи новата влада. И досега ја цени активната улога на новиот премиер кој сака да ги поправи односите со соседите кои досега беа напнати и кои беа пречка за напредокот на Македонија. Не е реално да се очекува дека новиот премиер може да постигне голем успех во толку кус временски период но сите, како фудбалски навивачи, го поддржуваат и охрабруваат. Тој е ново лице, носи нов стил и сите се надеваме дека ќе биде успешен. Заради неговата земја која треба да се деблокира за понатамошен напредок кон ЕУ. Знаете, овде во ЕУ ја има целата потребна добра волја за да се направи следниот чекор за Македонија.

Од мене би било неодговорно да кажам – да Македонија ќе добие датум. Многу зависи од тоа како работите ќе се одвиваат. Сигналите се добри но времето е прекусо за да се дефинира заклучок за можностите на новата влада во меѓународните односи.

НОВА:

Ќе има ли според вас есенски извештај за Македонија? Извештаите за Балканот ќе бидат објавени во април 2018 година но чувме за можен преоден договор оваа есен.

Кукан:

Немам никаква информација за тоа. Но тоа е можно, се случувало и во минатото. Кога некои конкретни чекори се направени на внатрешен политички план, Европската комисија може да излезе со извештај. Но немам таква информација. Завршете ја домашната работа и да се надеваме на најдоброто.

НОВА:

Да, се надеваме на внатрешни реформи, тоа е најважното.

Но ли мислите дека ЕУ ќе почне со проактивен пристап во билатералниот спор со Грција?

Кукан:

Дефинитивно да. Разговаравме претходно за европските институции…. Овој пат за нив проширувањето и соработката со Западниот Балкан се приоритет. Таа идеја беше изнесена неколку пати и мора да биде следена со конкретни чекори кои ќе бидат фер за партнерите од Западниот Балкан. Мислам дека токму тоа ќе се случи, дека ЕУ ќе преземе чекори што ќе значат дека ние сме сериозни за идното проширување и сметаме во иднина на членство Западниот Балкан.

НОВА:

Ви благодарам.