Од:

Брзата помош кружи низ Скопје-нема место за пациенти со скршеници

Ниту една болница во Скопје не прима пациенти со скршеници поради пренатрупаност. Вечера возилата на Итната медицинска помош безуспешно кружеле низ цел град од болница до болница но, секаде одбивале да ги примат пациентите со образложение дека нема место. На крај медицинските екипи биле принудени неколкуте такви пациенти да ги остават во приемното одделение во Ургентен центар за лекарите од таму да се погрижат за нив, дознава НОВА од извори во брзата помош.

Подоцна во текот на денот од Градската општа болница„ 8 Септември“ биле известени дека ќе ги примаат пациентите со скршеници, но тие што се во бесознание и со повреди на глава да се транспортираат на скопските хируршки клиники.

Откако почна реновирањето на градската хируршка болница „Св. Наум Охридски“, настана хаос со приемот на пациенти. Министерството за здравство нема стратегија како да воведе ред. На клиниките е преполно, а иста е ситуацијата и во „8 Септември“  каде оперираат со една хируршка сала помалку бидејќи нема доволно медицински сестри.

Директорот на болницата   Сашо Стојчев ја потврди информацијата за НОВА. Тој нагласи дека денеска биле принудени да пуштат дома четворица пациенти пред време, за да примат пациенти со фрактури.

„На уролошкото одделение имаме сместено двајца пациенти со скршеници. Примаме до последен кревет, но преполно е, нема место. Работиме со една хируршка сала помалку бидејќи немаме доволно медицински сестри за во сала. Од идната недела ќе бидеме принудени да ја затвориме и другата хируршка сала поради ова и ќе функционираме половично, само со три хируршки сали“, изјави за НОВА, директорот Стојчев.

Тој смета дека проблемот е организациски и треба министерството да го реши. Стојчев вели дека вршат рутински операции кои што можат да се направат и во други градови, во регионалните клинички болници и доколку нема доволно лекари таму добро е да се пратат од Скопје.

„Имаме 14 анестезиолози, а 15 медицински сестри од кои седум се отсутни поради некој основ или користат боледување. Сега уште една од нив ќе замине на обука во странство и тогаш ќе мора да ја затвориме салата, со седум нема да можеме да функционираме“, рече Стојчев.

Болницата има потреба да го земе во владеење простор каде што беше сместена кардиохирургија „Филип Втори“, но Стојчев вели дека поради нерасчистени сметки со министерството тој простор стои празен.

Инаку, болницата има потреба од прием на  180 медицински сестри не вклучувајќи ги лаборантите и физиотерапевтите, но минатата година одобрение добија за прием на само 60 медицински сестри. Поради тоа што министерството го објави конкурсот на 31 декември, пропадна финансиската согласност и болницата остана без медицински сестри. Поради политичката состојба во државата и немање нова влада, Стојчев вели дека не се знае кога ќе добијат можност за прием на нов средно медицински кадар.