Од:

Брзината поважна од безбедноста на децата на улицата кон Водно

Градските власти на Скопје почнаа да ја прошируваат улицата Тодор Александров (поранешно улица Салвадор Аљенде), која води кон Водно, од две на четири ленти. Според портпаролот на градоначалникот на Скопје, планот за четири ленти на оваа улица постои во урбанистичкиот план на Скопје веќе 4 децении па градските власти одлучиле сега да го реализираат.

Се ќе беше во ред доколку влезот на Основното училиште Кочо Рацин не беше сместен токму на оваа улица. Секој ден, во текот на училишната година, оваа улица ја преминуваат над 700 деца кои се школуваат во ова училиште.

Родителите кои ги носат своите деца со автомобил паркираат на тесниот тротоар или застануваат на улицата за да излезат децата. Сето тоа секое утро создава сообраќаен хаос во кој безбедноста на децата е секој ден доведена во опасност.

Искуството покажува дека знаците, пешачките премини и казните не се доволни и не можат да ги примораат возачите да возат внимателно и да застануваат за да ги пуштат пешаците да ја преминат улицата.

14233495_10210638717344317_1956382023_o

14233852_10210638715424269_648391368_o

Градот Скопје нема надлежност да поставува семафори или “лежечки полицајци” па се надева дека возачите ќе ги почитуваат пропишаните правила и нема брзо да возат.

Портпаролот на градоначалникот Коце Трајановски тврди дека планот за четири ленти води сметка за сигурноста на децата но Градот нема надлежност да поставува семафори или “лежечки полицајци” па се надева дека возачите ќе ги почитуваат пропишаните правила и нема брзо да возат:

“Особено  се води сметка за навремено сигнално обезбедување на основното училиште Кочо Рацин  кое е во близина на сообраќајницата. Поставената сигнализација возачите мора да ја почитуваат во спротивно треба да бидат казнувани од сообраќајната полиција, која е единствена надлежна за регулација на сообраќајот, превенција и казнување на несовесните учесници во сообраќајот”, велат во Град Скопје.

Според нив “проектот за изградбата и реконструкцијата на улицата Тодор Александров, како и сите останати инфраструктурни проекти, сублимира и сообраќајни решенија чиј приоритет е максимална заштита на безбедноста на пешаците. Во проектот точно е предвидена сигнализацијата/ вертикална и хоризонтална/ која ќе биде поставе долж целиот нов коловоз со бележење на асфалтот и поставување на сигнални знаци за определување на брзината на движење и за режимот на користење на сообраќајницата”.

Накусо тоа значи дека ќе бидат исцртани пешачки премини и ќе бидат поставени знаци за ограничување на брзината а возачите ќе бидат казнувани.

14273358_10210638717584323_211043557_o

Градоначалникот на Општината Центар не беше достапен за коментар. На Фејсбук Андреј Жерновски рече дека овој проблем не е во надлежност на неговата општина:

“Нашиот став е повеќе пати соопштен во јавноста, а тоа е дека правењето на нова лента ќе претставува сериозна опасност за граѓаните, особено за учениците. Се разбира дека сме загрижени. Од тие причини, ја разгледуваме можноста да го преместиме влезот на училиштето, односно да биде од другата страна”.

Директорката на училиштето Кочо Рацин Ирена Попова не сака да дава изјава за медиуми.

Општина Центар ја разгледува можноста да го премести влезот на училиштето и тој да не излегува на улицата со четири ленти.

Во текот на нашата посета на училиштето, и наставниците и родителите со кои се сретнавме не криеја дека се загрижени поради тоа што улицата ќе има четири ленти. Според нив оваа улица одамна е опасна за децата и се прашуваат како ќе биде кога автомобилите ќе возат со 120 км на час и кога улицата ќе се претвори во голем булевар.

Но искуството покажува дека знаците, пешачките премини па дури ни казните не се доволни и не можат да ги примораат возачите да возат внимателно и да застануваат за да ги пуштат пешаците да ја преминат улицата.

Општинските и училишните власти во Европа најдоа решение за овој проблем. Пред се, пред училиштата не се прават големи сообраќајници, се поставуваат семафори, “лежечки полицијаци” и се повеќе се анагажираат лица кои со жолти елеци и знакон “стоп” ги застануваат автомобилите за да им овозможат на децата безбедно да ја преминат улицата.

Градежните работи почнаа во јуни оваа година. Градот Скопје соопшти дека станува збор за проект кој ќе ја подобри безбедноста на сообраќајот.

“Ова е уште еден, во низата капитални проекти, што ќе придонесе за подобрување на безбедноста и растоварување на сообраќајниот метеж – проектот за проширување и реконструкција на улицата Тодор Александров – 1 фаза – на потегот од крстосницата со булеварот Мајка Тереза и улицата Белградска (кај ОУ „Кочо Рацин“) до кракот на оваа улица што води кон Панорама (кај трафостаницата), во должина од 600 метри.

Со изградбата и реконструкцијата, улицата Тодор Александров ќе стане собирна улица и ќе добие по 2 сообраќајни ленти во секоја насока, широки по 3 метри. Од двете страни на сообраќајницата ќе се формираат тротоари со ширина од 2 метра, што ќе се покријат со бекатон плочки.

За подобрување на условите за движење на сите учесници во сообраќајот по завршувањето на реконструкцијата, на улицата Тодор Александров ќе се постави ново осветлување со 33 столба за улично осветлување”, велат во Град Скопје.

Предвидено е изградбата да трае 14 месеци, до средината на 2017 година. ќе чини 39 милиони денари обезбедени од Градот Скопје а работите ги изведува градежната компанија „Жикол“ од Струмица.