Од:

Чавков тврди дека разрешувал и именувал согласно законот

Министерот за внатрешни работи Митко Чавков вели дека разрешувањето на Примислав Димовски од позицијата командант на полициската единица „Алфи“ било согласно одлука на Владата. Тој рече дека не сака да ја коментира работата на Димовски и оти ја почитува пресумпцијата на невиност, а дека постапките што се водат против Димовски се процесирани до надлежното Јавно обвинителство, додека во рамки на МВР ќе се спроведат дисциплинските постапки.

– Прашањето поврзано со Примислав Димовски е неговото незаконско назначување за командант на полициската единица „Алфи“. Значи имате директно кршење на законот за Влада и особено кршење на системот на кариера кој е вграден во Законот за внатрешни работи. Примислав Димовски е унапреден за седум хиерархиски нивоа, што како постапка не е видена порано во рамките на МВР, така што тоа е само дел од многуте незаконски одлуки донесени од мојот претходник, рече Чавков.

Инаку, Чавков веднаш по враќањето на функцијата, ги разреши првиот човек на Алфите, Примислав Димовски и началникот на СВР Скопје Лазе Велковски. Според законот за кривична постапка секој службеник кој е ангажиран од јавен обвинител не смее да биде прераспределен на друго работно место. Димовски и Велковски се истражители на Специјалното обвинителство.

На местото на Димовски како прв човек на Алфите го назначи неговиот претходник, Ивица Анчевски Пуки. Тој беше главен  осомничени во случајот Тортура кој го отвори СЈО за измачување на Љубе Бошковски при апсењето. Анчевски за ова кривично дело доби помилување од претседателот Ѓорѓе Иванов.