Од:

Чавушоглу: Европската унија без Турција не е комплетна

Европската унија (ЕУ) никогаш нема да биде комплетна без Турција, изјави денес шефот на турската дипломатија Мевлит Чавушоглу на една конференција во Анкара.

Министерот ја повика ЕУ да отвори нови поглавија во преговорите за членство и да ги “крене вештачките пречки за приемот на нашата земја”.

Турција очекува веднаш да биде ослободена од визи за нејзините граѓани во Шенген зоната.

“Ние игравме важна улога во минатото на Европа и ние тоа и во иднина ќе го правиме. Европа без Турција не е комплетна”, рече Чавошоглу.

Од неуспешниот воен удар во Турција на 15 јули 2016 година и репресијата на функционерите, војската, новинарите или професорскиот кадар која уследи, односите помеѓу ЕУ и Анкара се напнати.

ЕУ смета дека Турција не ги исполнува критериумите за ослободување од визи. Но, ЕУ ова и го вети на Анкара кога беше потпишуван договор за бегалците во март 2016 година. Турција вети дека ќе ги задржи сите бегалци кај себе а за возврат ЕУ треба да ги укине визите.

Европскиот парламент дури изгласа резолуција, на 24 ноември 2016 година, во која се бара привремено замрзнување на преговорите за членство со Турција. Оваа резолуција не е обврзувачка но е јасен сигнал дека ЕУ не сака да преговара со земја која ги крши човековите права.

Чавушоглу рече исто така дека очекува Турција да има подобри односи со САД кога Доналд Трамп ќе седне во Белата куќа.

Односите помеѓу САД и Турција се влошија пред повеќе месеци поради несогласувања за сириските Курди. Анкара смета дека тие се терористи додека Вашингтон на нив гледа како на сојузници во борбата против терористичката организација Исламска држава.

Чавушоглу се надева, како што рече, дека САД нема повеќе да ја прават истата грешка.