Од:

Червар по Украина: Во Плзен мора многу подобро

И капитенот Кире Лазаров и селекторот Лино Червар изразија задоволство од резулатот и ја потенцираа важноста што на мегдан во Чешка ќе се отпатува со победа и два бода на контото. Забелешки изнесоа за играта и падовите што се случија во одредени моменти, но, за среќа, не се одразија врз резултатот. Затоа и предупредија дека нивото мора да биде повисоко во Плзен бидејќи и и приказната ќе биде поинаква.

„Настапивме во малку поразличен состав. Тука пред се мислам на бековската линија во која остана само Кире покрај кого во изминатите години ги имавме и Миркуловски и Мојсовски. Сепак задоволен сум од резултатот. На моменти можевме и подобро, но она што е најважно во квалификации е победата“, ги почна своите импресии по средбата Червар.

Хрватскиот стручњак истакна и придобивки од воведниот меч за ЕП 2018. Во прв ред се младите ракометари за кои, вели, покажуваат зрелост и полека влегуваат во ритам. Тоа му овозможило да ротира со повеќе сили. Но, нагласи потреба од трпение кон нив и никако оптоварување да играат како повозрасните и поискусните.

„Малку се баравме во одбрана. Почнавме добро, но набрзо се загуби цврстината и агресивноста, па формацијата 6-0 ја сменивме во 5-1. И со неа демонстриравме одредени слабости, но, сепак, покажа и доста. Ја стабилизиравме на време и безбедно го завршивме мечот како што и посакувавме“, додаде македонскиот селектор.

Кире Лазаров со благодарност до гледачите што, речиси, ја исполнија докрај ВИП арената „Борис Трајковски“ во работен ден. Во поглед на севкупниот настап истакна дека двата бода против Украина не беа лесно освоени меѓутоа најважно е што се освоени.

„Помладите одиграа солидно, но помалку и во грч. Иако победивме со шест гола разлика, сепак, не беше лесно. Меѓутоа два бода се два бода. Најважно е што победивме. Мој впечаток е дека Украинците се потценети, а лично мислам дека можат да изненадат во групата. Сега на ред е Чешка. Свесни сме што нè чека таму, мора да покажеме мудрост за позитивен резултат“, порача Лазаров.