Од:

Червар: Ристовски е емоционално истрошен, ќе менуваме и формација

Фото: macedoniahandball.com.mk

Борко Ристовски, Ацо Јоновски и Немања Прибак ги нема на поширокиот список на машката ракометна репрезентација на Македонија за Светското првенство во Франција. Затоа меѓу 28 повикани во селекцијата се наоѓа и Филип Миркуловски кој по мундијалскиот бараж против Чешка, ова лето, се прости од настапите во националниот тим. Хрватот на македонската клупа за подготовките вклучи 13 дебитанти.

Червар даде образложение за одлуката да не смета на Јоновски и Ристовски за претстојната кампања. Отсустовото на првиот го образложи со определбата да го менување стилот на игра во одбрана, за вториот, како причина, ја наведе „емоционалната истрошеност“ што ја воочил на последните четири средби. Подолг период наназад, по тие прашања, се анализирало и сега решил дека е момент за пресек.

Фото: ihf.info.com

„Ристовски изгради одлична кариера. Бранеше во Рајн Некар, сега е дел од Барселона. Тоа што не е повикан во репрезентацијата не значи дека е лош ракометар. Нема никаква лични позадина зад ваквата одлука. Само сметам дека е емоционално истрошен по последните неуспеси, заклучок што е извлечен од неколуте последни натпревари за Македонија“, рече Червар.

Во случајот со Јоновски наведе одлуката за менување на стилот на игра во одбрана од 6-0 во 3-2-1 или 5-1. Трансформацијата од плитка во подлабока зона треба да биде зачинета и со агресивност и сето тоа до израз да исфрли побрзи ракометари и да се скрати дистанцата до голот на противникот.

„На Јоновски и Велко Марковски со години се темели плитката игра 6-0 во одбрана. Сега ќе менуваме. Одиме на подлабока формација 3-2-1 или 5-1 на која ќе додадеме и агресивност. Целта е на тој начин да бидеме поблиску до голот на нашите ривали и до израз да дојдат побрзи ракометари. Од таа причина решив да не го повикам Јоновски. И за него, како и за Ристовски, важи мислењето дека ја имаат задолжено оваа репрезентација, но и за него важи дека е емоционално истрошен“, додаде македонскиот селектор.

Фото: macedoniahandball.com.mk

Собирот на репрезентацијата е на 20 декември. Првите 10 дена од подготовките ќе бидат во Маврово, од 2 јануари се враќа во Скопје на финално темпирање на формата што ќе вклучува и три контролни натпревари со БиХ.

Фото: macedoniahandball.com.mk

Македонија на СП 2017 ќе биде во група со Тунис. Ангола, Шпанија, Исланд и Словенија. Најдобрите туниски ракометари ќе бидат ривали во првиот меч во Франција, поточно во Мец, на 12 јануари. Отворањето на првенството е ден претходно и ќе трае до 29 јануари.

Список на ракометари во репрезентацијата на Македонија за СП 2017 во Франција

Кирил Колев, Никола Митревски, Дејан Манасков, Гоце Ојлески, Давор Палевски, Гоце Георгиевски, Никола Костески, Стојанче Стоилов, Никола Марковски, Жарко Пешевски, Велко Марковски, Кирил Лазаров, Филип Лазаров, Филип Талески, Марко Нелоски, Стефан Дрогришки, Ристо Арнаудовски, Влатко Митков, Мартин Манасков, Филип Миркуловски, Ласко Андоновски, Мартин Поповски, Мартин Велковски, Горан Крстевски, Благојче Трајковски, Даниел Ѓорѓески, Бојан Маџовски, Јовица Младеновски.