Од:

Чиј е деканот

Повторно превирања на Стоматолошкиот факултет. Уште еден во последните неколку години. Овој пат ректорот на УКИМ одлучил да не му даде мандат на легално избраниот декан кој ја добил довербата на професорите што го избрале со тајно гласање. Деканот како единствен кандидат бил избран во декември минатата година и должноста треба да ја извршува од 2017 до 2021 година.

Цели шест месеци ректорот молчел и одеднаш решил да не не го потпишува мандатот, а на местото на избраниот декан назначил в.д. декан по свој избор. Згора на се, на легално избраниот декан му било оневозможено правото на приговор до членовите на Сенатот на УКИМ.

Ректорот е на службен пат и нема образложение зошто одлучил да постапи спротивно на законот, како што велат неговите колеги.

Но, секогаш има шпекулации. Професорите с е надеваат дека апетитите на одредени личности блиски до партијата на Груевски и министерот за здравство на заминување Тодоров, нема да се реализираат. Дека деканот нема да се избере по партиски клуч.

Од Независниот академски синдикат се загрижени бидејќи не се почитува одлуката на професорите на Стоматолошкиот факултет и ги повикуваат сите членови на Сенатот на Универзитетот „Кирил и Методиј“да побараат објаснување од ректорот за ваквата постапка.

Од синдикатот предупредуваат дека освен што се нарушува угледот, се загрозуваат работничките права, туку е доведено во прашање целокупното работење на Стоматолошкиот факултет. Тука се и можните несакани финансиски последици кои ќе с е одразат и на редовната исплата на вработените, а загрозена е и правната сигурност на студентите.

Само за потсетување дека изборот на ректор на најстариот и најголем универзитет минатата година се одвиваше во тензична атмосфера со обвинувања за повеќе нерегуларности. Иако студентите бараа да се поништи изборот заради нелигитимни претставници во телата кои одлучуваат по ова прашање, тоа не се случи.

И ете сега истиот тој ректор не ја почитува волјата на колегите од Стоматолошкиот факултет и го игнорира нивниот избор. Тој не им одговори на професорите кои јавно го прашаа зошто ја гази автономијата на факултетот и се спротивставува на нивната волја.

И што понатаму? Зошто во време кога во светот каде што нашите професори градат имиџ на добри едукатори и лекари, се руши угледот на оваа реномирана образовна институција-Стоматолошкиот факултет? Зошто се врши дискредитација на избраниот декан, а со тоа не се почитуваат и одлуките на професорите. Ова е ситуација која иако можеби не ја тангира директно пошироката јавност, ќе се одрази и на квалитетот на кадарот чии услуги ги користат токму граѓаните.

А, квалитетот на образованието на идните и завршените стоматолози и лекарите е посебна тема за која нема да зборуваме во оваа прилика.

За почеток, добро е прво да се реши назначувањето на декан на Стоматолошкиот факултет, а потоа да се преиспита кој се предава на овие факултети и на каков начин се стекнале со овие позиции. И партиските превирања кои се присутни во последните неколку години, да престанат. За да не се прашуваме чиј е деканот на факултетот. За понатаму е полесно.