Од:

Чилиќ: Никогаш не сум се повлекол, не сакав ниту денеска

Фото: wimbledon.com

Еден погрешен чекор предизвикаа солзи и бес кај Марин Чилиќ против Роџер Федерер во финалето на Вимблдон. Повредата на левата нога и болките што почна да ги чувствува во пределот на стопалото во паузата меѓу првиот и вториот сет ги урнаа надежите на Хрватот за трофеј на неофицијалното светско тениско првенство. Но, останува одличниот впечаток што скромното момче од Меѓугорје го остави на најпознатата тениска трева во светот во изминатите две недели.

А, се почна онака како што посакуваше. Од самото излегување на централниот терен на „All England Club“ делуваше беспрекорно како предуслов за одлична тениска претстава. Наметна силно темпо за седум години повозрасниот ривал, имаше прилики за брејк меѓутоа доживеа малер кога најмалку требаше. Не помогна ниту лекарската интервенција на медицинскиот тајм аут, па совршениот Швајцарец без премногу проблеми го приведе мечот до крај за конечни 6:3, 6:1, 6:4 и рекордна 19 гренслем титула во кариерата, осма во Лондон.

„Никогаш не сум се повлекол. Не сакав ниту денеска. Ова беше убаво патување, го играв најдобриот тенис во животот за што сакам да се заблагодарам на мојот тим, на фановите од Хрватска и на сите овде што ме поддржаа. Дадов се од себе и се надевам дека ќе имам нова прилика за освојување на трофејот на Вимблдон“, порача седморангираниот рекет на машкиот дел од турнирот кој останува на Ју-Ес опен од 2014 година како единствена гренслем титула во кариерата.