Од:

Чистка на Ердоган по референдумот:Уапсен уредник на опозициски портал

Турската полиција го привела Али Ергин Демирхан, уредник на сајтот sendika.org кој резултатите ое референдумот за уставните промени во оваа држава ги прогласи за незаконски, објави сајтот, пренесува АФП.

Како што истакнува агенцијата, главниот уредник на овој левичарски сајт е притворен во рамки на рацијата извршена во канцеларијата.

Претходно истанбулската полиција уапсила најмалку 16 левичарски активисти кои учествувале во демонстрациите против резултатот од референдумот.

Како што пишува сајтот, Демирхан е притворен под обвинение дека организирал протести по пат на социјалните мрежи обидувајќи се истовремено да докаже незаконитост на референдумот, како и тоа дека поттикнувал на непријателство.

Тој во својот став за резултатите истакнува дека „ДА“ нема да биде прифатено како легитимно и дека sendika.org нема да биде замолчан и притоа повикал на протести.

Вкупно се издадени 38 налози за апсење.

Резултатот од референдумот беше 51,41 отсто позитивни гласови за проширување на овластувањата на претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган, меѓутоа опозицијата го критикуваше исходот од гласањето наведувајќи дека до тоа довела „валканата игра“.

Властите на Турција инсистираат дека референдумот е одржан според законот и дека изборната комисија го одбила барањето за поништување на гласањето.

На улиците на Истанбул и натаму траат протестите против Ердоган по објавувањето на резултатите.