Од:

Чудните доживувања на Слободан Богоевски

Не би се обложила дека Слободан Богоевски знае се, за сите нас. Најмногу за Груевски и Мијалкови. Но, не би се обложила ни во спротивното. И којзнае дали вистината е некаде помеѓу.

Тоа е таа тенка линија, нервозна жица по која гази Богоевски, свесен дека секој чекор е рискантен трзај на жичките низ кои балансира. Тоа е всушност таа невидлива нитка низ која поминуваат, некогаш како низ пајажина, друг пат како низ непробоен зид- тајните служби, нашите императори, нашите сенки додека зборуваме, одиме наивно, се движиме несвесни, го испиваме кафето и не знаеме дека одиме во неповрат.

Доколку решат, го смачкуваат пикавецот, го фрлаат весникот и почнуваме сите заедно да се движиме по таа линија која ни ја зацртале.

Последното јавно излегување на Богоевски (кај Чомовски, на Телма) којзнае дали требаше, мораше, но зошто да не? Ги обвини сите- од Груевски дека негов политички кум е Кондоминас, до Мијалков, врзувајќи го за продажба на дрога, неговиот татко, дека се шетал со пиштол и на тој начин водел политика, итн.,итн.

Секакви приказни, кои се граничат со лудило, приказни за наивните, кутри зајачиња. Или можеби опасни приказни, кои мора сите да ги знаеме, по цена да не завршиме добро. Во ништо не би се обложувала.

Слободан Богоевски отсекогаш носел по неколку бомби во џебовите. Слушнете што следи потоа- според преданијата, тој не ги затскривал тие бомби, напротив. Мавтал со нив, па ги враќал, заминувал и пак доаѓал, со ново наоружување, со истиот покерашки изглед, блед, со ситни, проникливи очи, како да знае се за вас, и прашање е на моментот кога ќе ви ја дофрли бомбата- вам, во сопствените раце да ви експлодира.

Сега артилеријата некои ја упатуваат кон Богоевски- зошто молчел, зошто не го спречил експлозивното влетување на политичката сцена на Мијалкови?

Би сакала Богоевски а и Мијалкови да не се гледаат одвоено од останатиот Универзум. Не може да се анализира нивната улога како самостојни, независни единки. Како сами да делувале, изолирани од останатиот свет кој ги опкружувал, а сите околу нив како да не биле свесни, како да биле анестезирани и хипнотизирани од некоја виша сила.

Тие се производ, склоп на целата испреплетена и изврзана мрежа во општеството кое само што започнало да се гради: разузнавачките пипци претходно длабоко биле вкоренети во политиката, медиумите, институциите, во секоја келија од општеството. Ве молам, зарем отплеткувањето треба да се очекува со првиот удар на камбаната која означува почеток на независност на државата?

Или нападите кон Фрчкоски- зошто му скинал пријави на Мијалков, наместо да одговара. За да се дојде до одговор, најпрво треба да се анализираат времето и околностите под кои настануваат империите и царствата на луѓе како Мијалкови. Демократијата и свеста за одговорноста не настануваат и не доаѓаат со светлосна брзина на послужавник. Време, потребно е време за таа проклета политичка култура.

bogoevski_mijalkov

Затоа е важно можеби да се разгледа и една друга страна на медалот. Моите колеги кои низ годините следеа полиција, отсекогаш беа фасцинирани од Богоевски. Чудно, нели, во најмала рака несфатливо,  ако се прави аматерски профил, од прв поглед.

Но тој, како и некои други полицајци, како и некои други политичари, отсекогаш знаеле дека има едно важно правило- пактот со новинарите е скалилото кон моќта, тогаш кога врвот во кариерата е се уште недофатлив. Тогаш кога е во полн сјај таа кариера, врските уште повеќе се зацврстуваат, за кога ќе следи падот, тоа да биде сомотски пад, дочекан од оние кои низ годините пишувале за него и повеќе отколку што тој барал, дури и не се ни надевал.

Според она што го имам слушано, досега немало таква ѕвезда меѓу новинарите (кои водат полиција а и не само полиција) како Богоевски.  Ниту еден политичар ја немал светлоста со која тој ги контролираше редовите во весниците. Никој оттогаш не го доби она што тој го имаше од новинарите. Можеби тоа беше порано, да, во ерата на печатените медиуми која ја нема повеќе, но во меѓувреме изгради свои инсталации насекаде. Сега можеби не треба постојано да се има на ум неговиот прст, но за момент можеби би требало да се помисли и на неговата сенка.

Со среден раст, би рекла низок, како одат годините, се смалил, станал поситен, онака како што тој отсекогаш посакувал, претпоставувам- да биде невидлив.

Со намерно моделирана ненападна фаца, незабележлив, тивок, со едвај чуен глас, поголемиот дел од времето зборува, но го проколнувате денот кога сте се нафатиле на слушање. Потребна ви е ѓаволска концентрација, ништо навистина не може да се слушне, морате да се напрегнете, да се сторите уши и да инсталирате звучници во сопствениот ушен апарат, но да не ве забележи. Но, тој забележува се, веројатно е во дослух со вашиот датум на свечено легнување на претсмртна постела.

759dd4979623b74fb234df630d5da62b

Мекоста на изразот со една полунасмевка личи како да е негувана, иако ми доаѓа мисла дека така е роден. Ако затврднува тој поглед, ако се стиснат мускулите, тоа е заради тоа што говори за некои негови непријатели, тоа не се однесува на вас. Затоа што точно знае каква порака да ви прати, а да не ве исплаши. Не, можеби поточно би било ова- потребно е да се допадне, затоа не ја преминува границата дури и кога губи трпение. Не би ја нарекла цинична насмевката. Ниту блага, но сепак, ако се замислите, заликува на манифестација на свежина на умот- кога да се пушти информација, кога мора да се премолчи.

Тивкиот, ситен и ненаметлив човек нека не ве залажува. Може да стане горостас, додека вие се смалувате и не ве замачка со кондурата. И потоа пак може, како ништо да не било, да продолжи во оној ритам кој занесува, како кога ви се приспива, да говори, полека, едвај чујно, како само да ги мрда усните, затоа што се плаши да не ве разбуди.

Додека раскажува, не се што знае, туку се што е потребно во тој момент да се дознае,  ги товари документите до вас, ги раширува, ги центрира важните имиња, настани и бомби.

Додека вие разгледувате, околу вас настапува мртовечка тишина. Богоевски си отишол, онака како што дошол. Не сте го забележале, не сте ни знаеле дека дошол,  како отишол, не сте сигурни дали воопшто постои. За таков да стане, на тоа тој работеше целиот свој живот.