Од:

Да бидеме реални!

Многу хумани луѓе имаме во државата. Тоа е за почит. Скокаат за веднаш да помогнат кога на некое дете ќе му затребаат пари за лекување во странство, за сиромашни семејства, деца што гладуваат. И тоа е добро, треба да си помагаме. Акциите најчесто одат преку социјалните мрежи, се собираат пари,  се отвораат броеви за донации, се бара помош кај бизнисмените.

Активистите или организаторите, го прават сето она што треба да го направи државата.Но, во тоа шаренило се случува да помине се и сешто, наивно да се наседне на нешто. А, луѓето одвојуваат од својата уста за да донираат. Така се губи довербата. Е, тука мислам дека треба да се воведе ред. Да има некаква селекција. Како инаку, ќе знаеме дали донациите одат на вистинското место. Дали сe реални!

Да не се разбереме погрешно. Има нешто што се вика проверка на информацијата. Тоа значи да се види колку е реално барањето за донација, кој го напишал, дали средставата одат на вистинското место, одобрил ли Фондот за здравство средства за лекување или не?

Прво, кратко за телефонските оператори. Тие  ќе мора да променат нешто во начинот на своето работење. Кога ги примаат барањата за отворање на броеви за донациитреба да ги прашаат луѓето  дали им се одобрени средства од Фондот за здравство за лекување во странство или во најмала рака дали поднеле барање во фондот. Дали с е одбиени? Кое е образложението? Потоа да се одобрат броеви. Поинаку, како ќе знаеме кое барање е реално.

Не знам како ќе ме разберете но, има луѓе кои веднаш бараат да одат на лекување во странство иако болеста може да се лекува и тука,  на пример. Има и такви кои немаат потреба да одат, ама направиле драма на социјалните мрежи и луѓето се кренале на нозе. Има состојби кои што се трајни и за нив треба долготраен третман со дефектолози, педагози, логопеди, а родителот излегува јавно и бара детето да се прати во странство зашто сака да е здраво, одма, сега. Ниту лекар препорачал такво нешто, ниту има конзилијарно мислење. Ниту родителот знае каде да го носи. Не, оди тоа така. Треба да се остави простор на тие што навистина им треба лекување надвор од земјата, ургентно.

Знам дека  Фондот за здравство многу тешко одобрува пари за лекување во странство. Тоа  добро ми е познато од многуте случаи кои сум ги следела низ годините. Исто се случува секогаш, се правдаат со комисиите кои одлучуваат. Последните години, со катастрофални грешки и смртни последици по деца. А, членовите на комисиите се истите тие доктори кои прво даваат конзилијарни мислења, а потоа ги одбиваат пациентите на првостепена и второстепена комисија. Тоа е голема маниупулација!

Но, има и еден друг момент. Тоа е кога Фондот одобрил средства за некое дете, а се собираат донации. Тоа се случува често.  Ниту родителите кажуваат дека им се одбрени средства, ниту тие што го организираат собирањето на средствата, најчесто преку Фејзбук, прашале дали дали се одобрени средства од страна на Фондот. И така, човеково око станува лакомо, ненаситно. Некои од организаторите на акциите толку се извештија што под будно око ги следат сите случаи, но дел од нив за жал прават само збрка. Ги збунуваат луѓето што собираат донации, а тие самите се излажани. Зошто? Затоа што не се ни трудат да проверат колку е реален одреден случај, каде завршуваат парите. Така, не сакајќи ги манипулираат и граѓаните.

Се сеќавате на случајот на човекот кој собираше донации преку сметки и во домашна и во странска банка, а на фотографиите во рацете секогаш држеше друго дете? Полицијата уште не се изјаснила дали има пријава против него. Или за случајот со болното девојче каде родителите всушност сакале со парите да си направат уште две соби. А, такви што не ги затвориле донациите иако добиле пари од Фондот има многу, да не ги набројувам. Затоа велам, селекција. Колку и да звучи сурово. Може да се направи и здружение на пример, па преку него да се прави контрола. Но, и тоа да биде контролирано, се разбира.

Вака како што стојат работите, особено на социјалните мрежи, не е во ред. Се губи довербата. А, и парите кои можат да завршат работа некаде многу повеќе. Затоа, да бидеме реални!