Од:

Да се укине забраната за ноќна продажба на алкохол

Стопанската комора ќе достави Иницијатива за измена на Законот за трговија, со која се бара укинување забраната за продажба на алкохол по 19, односно 21 часот.

Иницијативата произлегува од барањата на компаниите-членки на Здужението на  трговијата и Здружението на земјоделството и прехранбената индустрија при Стопанската комора на Македонија.

Од комората сметаат дека во изминатите девет години откако е донесена, не само што не ги постигнала саканите резултати, туку предизвикала и дополнителна штета, пред се кај консументите, а потоа и кај домашната индустрија и државата.

– Воведувањето на забраната за продажба на алкохол по 19, односно 21 часот беше да се намали неговата консумација, особено кај младите. Но, напротив, во последниот извештај на Институтот за јавно здравје, објавен лани, се констатира дека консумацијата не е само појава кај возрасните, туку и кај младите чиј број од ден на ден станува се поголем. Од ова произлегува дека единствена ефикасна мерка за намалување на достапноста на алкохолот кај младите е доследната и ригорозна примена на законските одредби за забрана на продажба и точење на алкохол на лица под 18 години, а не „прохибиција“ за сите, рече оперативниот директор Елена Милевска Штрбевска.

Дополнително, рече, изминатите девет години од примената на оваа рестриктивна законска регулатива, не се понудени никакви емпириски докази дека таа остварила какво било влијание врз евентуално намалување на алкохолизмот во Република Македонија.

– Затоа останува фактот дека и без овие мерки на ограничување на продажба на алкохол во трговијата, Македонија има далеку пониска стапка на консумација на алкохол по глава жител во овој дел од светот, ако се има предвид дека просечната потрошувачка на алкохол по глава на жител во 2015 година во Република Македонија изнесувала 5,7 литри што е значително помалку од европскиот просек од околу 10 литри по глава на жител, истакна Милевска Штрбевска.

Според неа, ограничувањето на продажбата на алкохолни пијалаци во трговската мрежа директно ги стимулираше производството и трговијата „на црно“ што нанесе директна штета на консументите, бидејќи нема контрола на квалитетот на алкохолните пијалаци, државата, поради загуба од неплатени даноци и акцизи), како и домашната индустрија за пијалаци и легалните трговци кои мора да плаќаат огромни давачки, а се соочени со намалување на прометот, Со воведувањето, пак, на лиценците за продажба на алкохол, над 5.500 трговски објекти во земјата од вкупно околу 13.000, се откажале од продажба на алкохол, со што драстично се намалил нивниот промет.