Од:

Дачиќ долева масло на тензијата помеѓу Белград и Приштина

Најновата изјава на потпретседателот на српската влада и министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ долева масло на тензијата која настана меѓу Белград и Приштина по апсењето на Рамуш Харадинај во Франција.

Тој денес изјави дека според безбедносните информации албанската дијаспора има план да заземе некое од  српските дипломатско-конзуларни претставништва во САД или Европа.

“Поседуваме безбедносни инфорамции дека албанската дијаспора планира заземање на некое од нашите дипломатски-конзуларни претставништва во САД или Европа за да ја натера Србија да се откаже од барањето да му се суди на Харадинај”, рече Дачиќ во пишана изјава до медиумите.

Според Дачиќ ова покажува дека албанските политичари се спремни дури и на тероризам.

Тој ги предреди сите земји кои се одговорни за безбедноста на српскиот дипломатски персонал во Европа или САД да им пренесат на албанските политичари “да не играат со оган”.

“Србија нема да се откаже од гонењето на Харадинај кој направи воени злосторства против српскиот народ. И српскиот народ како и секој друг заслужува правда”, изјави Дачиќ.

Француските судски власти во четврток ќе кажат дали Харадинај ќе биде ослободен или екстрадиран во Србија според барањето на Белград.

Харадинај беше уапсен и во 2015 година во Словенија според српската потерница но по неколку дена беше ослободен.