Од:

Дел од пратениците на СДСМ и коалицијата ја напуштија салата

Во Собранието на Република Македонија денеска продолжи конститутивната седница на која се дебатира за избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

И на осмото продолжение пратениците продолжија со реплики и контрареплики. Најголема дебата предизвика излагањето на пратеникот од ВМРО ДПМНЕ Крсто Мукоски, на што се пријавени 70 пратеници за реплики.

Пратеникот од СДСМ Александар Кирацовски рече дека клучот за разрешување на ваквата состојба во Собранието е Трајко Вељаноски.

-Ако работеше деловнички, зборот на 90 отсто од пратениците ќе им беше одземен, точката ќе беше завршена, ќе изберевме претседател, па дури и нова влада на Македонија, рече Кирацоски, додавајќи дека тие се откажуваат од ова деловничко право.

Тој го потсети Вељаноски на два члена од Деловникот, 89 и 90, според кои треба да ги прекине говорниците доколку тие не се држат до говорот на пратеникот кој земал збор.

Вељаноски рече дека немал право да го ускратува правото на говор на пратениците и наведе дека за реплика на говорот на пратеникот Крсто Мукоски се пријавиле 70 пратеници.

– А за станување од столчето ќе почекате малку, таа желба не ја исполнувам, рече Вељаноски.

На ова одговори и пратеникот Антонио Милошоски, кој рече дека Вељаноски работи по Деловникот и кога СДСМ има право да бара процедурални забелешки, тогаш истото право го имаат и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Милошоски рече дека ситуацијата во државата и во Собранието е сензитивна, па од таа причина ги предупреди своите колеги да не планира да прави проблеми.

-Сите знаете дека ситуацијата е сензитивна, чувствителна е  и тука во самото собрание и на улица и кај граѓаните. Нека не ве лаже паметот да правите некои чекори кои ќе ги зголемат тензиите. Не  предизвикувајте инциденти, бидејќи никој за тоа нема мандат. Бидете сигурни и стабилни за да ја водиме оваа расправа. Не помислувајте на инциденти, бидејќи на никој не му треба тоа, се закани Милошоски од говорницата.

Најголем дел од пратениците од СДСМ и коалицијата ја напуштија седницата поради како што рекоа узурпирањето на Собранието од страна на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

Единствено останаа лидерот на СДСМ Зоран Заев, Оливер Спасовски, Александар Кирацовски и Фросина Ременски.