Од:

Десет пратенички групи – пратеничко право или блокада на Собранието

Со формирањето на десет пратенички групи, опозицијата има право да бара десет часа пауза во текот на денот, може да бараат прекини на седницата за да им се достават стенографски белешки, сите десет координатори да имаат по 15 минути обраќање и уште многу други механизми со кои ќе се одлоговлекува работата на Собранието

Пишуваат: Фатбарда Цури , Александра Д. Гоцевска

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ најдоа нов начин како да го блокираат разрешувањето на Републичкиот јавен обвинител, Марко Зврлевски и работата на Собранието.

Со формирањето на десет пратенички групи, опозицијата има право да бара  десет часа пауза во текот на денот, може да бараат прекини на седницата за да им се достават стенографски белешки, сите десет координатори да имаат по 15 минути обраќање, да бараат прекин на пленарната седница за да се одржи седница на комисијата, а кога ќе се гласа за буџетот може да зборуваат сите вкупно пет часа. Формирањето на пратеничките групи е предвидено во собранискиот Деловник, но пратениците и експертите велат дека е спорно од правен аспект.

Од редовите на СДСМ појаснуваат дека во 2002 кога од нивните пратеници се формирале три пратенички групи ситуацијата била поинаква. Тогаш пратеници кои биле од други партии, а настапиле во предизборна коалиција со СДСМ, по изборите се издвоиле во посебни пратенички групи, за да не се претопат во групата на СДСМ.

ЗЛОУПОТРЕБА НА ПРАТЕНИЧКИТЕ ПРАВА

Стојан Андов кој многу години беше претседател на Собранието и професорoт по Уставно право, Осман Кадриу велат дека оваа ситуација со формирање на десет пратенички групи е досега невидено нешто. Тие сметаат дека тоа се прави за да се злоупотребат правата кои им стојат на располагање на координаторите на пратеничките групи.

„Вакво искуство мислам дека нема никој. Се знае, се оди на избри со понуда и коалиција, а потоа тоа што се понудило на избори се групира во пратеничка група. Од овие пратеници се очекува лојалност кон граѓаните. Во Деловникот и Уставот нема начин да се превенира ваква ситуација. Се разбира на никого не му паднало на памет дека вакво нешто можело да се случи. Ова може да значи две работи, или ВМРО-ДПМНЕ повеќе не го слуша Никола Груевски, или пак лажеа дека ќе бидат констуртивна опозиција. Ова мене ми личи дека ВМРО-ДПМНЕ се организираат како деструктивна опозиција“, вели Андов.

Според него, десетте пратенички групи на ВМРО-ДПМНЕ мора да имаат и различно име, не можат сите да бидат ВМРО-ДПМНЕ. Исто така мора да кажат по кои политики ќе работат. Поранешниот долгогодишен претседател на Собранието вели дека сите оние што не се врзани за платформа на партија се независни пратеници. Тие пратеници може да формираат пратеничка група на независни пратеници, но мора да излезат од партијата.

Професорот Кадриу вели дека ова што сега се случува во Собранието е смешно и дека нема никаква врска со демократија и со парламентарните права на кои се повикуваат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

„Ова не се случило цели 25 години во демократска Македонија. Формирањето на парламентарни групи за мене е изненадување но и за правосудството во Македонија, кое се прави со цел да се блокира работата на Соранието“, вели Кадриу.

Според него, претседателот на Законодавниот дом, Талат Џафери, ја има најголемата улога во оваа ситуација.

Измената на Деловникот на Собранието, Кадриу ја смета како политичка волја и одговорност.

„Ако во Македонија имаме политичка волја и одговорност може да се измени и Уставот а не само Деловникот. Тоа може да се случи најмногу за две недели. Во 2014 се измени Деловникот со присилно отстранување на тогашната опозиција, за што реагираше меѓународната заедница. Сега тоа може да се случи сега без присуство на ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Кадриу.

Тој смета дека пратениците треба повеќе од било кога да покажат социјална и политичка одговорност и доколку има потреба да одат на краток годишен одмор и да работат прекувремено со цел што е можно побрзо да се спроведат разрешувањата и именувањата, за земјата да функционира како што треба.

ИМА ЛИ НАЧИНИ ДА СЕ ОДБЛОКИРА РАБОТАТА НА СОБРАНИЕТО

 Претседателот на Собранието, Талат Џафери во изјава за медиумите рече дека членот 33 од Деловникот дозволува група од пет пратеника да формира пратеничка група и оти тој не сака уште на почетокот да мисли дека ВМРО-ДПМНЕ формирале десет пратенички групи само за да ја блокира работата на Собранието. Според него, менувањето на Деловникот е последен чекор што треба да се преземе и доколку има потреба од такво нешто потребен е политички консензус. Џафери најавува санкции за сите оние што ќе се обидат да ја злоупотребат функцијата пратеник и да го изиграат Деловникот.

Ејуп Алими, координатор на ДУИ вели дека парламентарното мнозинство има координации со цел да се пронајдат начини да се забрза расправата и да се изврши разрешувањето на Зврлевски.

„Конкретен чекор е да се продолжи седницата и да се заврши точката која што е започната. Веруваме дека разрешувањето на Зврлевски ќе се случи многу брзо. Ние немаме план бидејќи процесот треба да биде во согласност со Деловникот на Собранието“, вели Алими.

За Фадил Зендели, координатор на БЕСА, владејачкото мнозинство е виновно за блокадата, бидејќи точката за разрешување на Зврлевски не ја ставило прва на дневен ред.

„Прашањето поврзано со разрешувањето на Марко Зврлевски од функцијата јавен обвинител е прашање кое што треба да се одреди од претседателот на Собранието, Талат Џафери, односно тој треба да ја постави точката на дневен ред. Кога го планирал текот на седницата, Џафери имал можност разрешувањето на Зврлевски наместо да биде под точка број пет, да биде прва точка и со тоа немаше да постојат услови за повеќедневни расправи. Џафери, на некој начин на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ им даде можност да го блокираат и понатаму Собранието. Целиот проблем е кај претседателот на Собранието и кај парламентарното мнозинство, кои со пристапот што го имаат кон Собранието, на ВМРО-ДПМНЕ му овозможуваат да спроведува блокади“, изјави Зендели.