Од:

Десетици Роми преживуваат собирајќи пластика на депонијата во Струга

Пожарот се изгасна, но проблемот со депонијата и натаму тлее. Со години трупаното ѓубре од цела Струга не може преку ноќ да исчезне.  Дивата депонија е оддалечена само неколку стотина метри од околните куќи во кои живеат стружани. Како што се приближувавме, планината од смет стануваше се поголема, наместа се креваше чад и се ширеше неподнослива реа. Во купот, се фрлало се и сешто. Од стар мебел, медицински отпад, мрши од животни, пластични шишиња. Ѓубрето до тука го носи Комуналното претпријатие од Струга, го фрла и се враќа назад по нова тура. Депонијата која ја гуши Струга постои повеќе од 10 години. Долга е 700 метри, широка 300, а висока 13 метри. На годишно ниво на неа се фрла 130.000 метри кубни отпад.

Со депонијата во 2014, 2015 и 2016 стопанисувала фирмата Д&Б груп 2013 ДООЕЛ. За одржување изминатите три години заработила речиси 200.000 евра.

На врвот на планината од ѓубре, распределени на неколку локации, десетици Роми собираа и селектираа пластични шишиња. Ни кажаа дека секојдневно доаѓаат тука, собираат и селектираат пластика која потоа ја продаваат. Депонијата за стружани е горчлива рана, но за Ромите кои доаѓаат од цела Македонија, па дури и од Албанија  таа претставува извор за парче леб. Знаат дека е опасно да копаат по ѓубрето, но велат дека немаат друг избор. Немаат работа, а од нешто мора да се живее. Проблемот со депонијата се уште не е решен, а стружани секој ден излегуваат на протести пред општината и бараат  депонијата да се затвори и да се најде нова локација за сметот.

По неколку дена интензивно горење, депонијата во саботата беше изгасена. Министрите за животна средина и без ресори неколку дена доаѓаа во Струга за да помогнат да се најде решение за депонија. Но засега решение нема. Граѓаните продолжуваат со протести и најавуваат радикализација доколку не се изнајде нова локација за одложување на отпадот, а постоечката депонија да се затвори.

 



Comments are closed.