Од:

Џафери: Немам намера да молам никого, најмалку Иванов

Немам намера да молам никого, а најмалку Иванов, рече претседателот на Собранието Талат Џафери на денешниот брифинг за новинарите. Џафери рече дека Иванов има рок до 19 мај да го даде мандатот за состав на нова влада, во спротивно друга варијанта е да се избере Влада без мандат.

-Од институционален аспект моите обврски кон Иванов завршија, истакна Џафери.

Во однос на локалните избори, новиот претседател на Собранието рече дека тие ќе се одржат кога политичките партии ќе постогнат консензус околу датумот. Откако ќе се случи тоа, партиите ќе треба да го известат Џафери, а тој да закаже седница за измена на Изборниот Законик.

Џафери потенцираше дека партиите мора да го почитуваат законскиот рок од 70 дена до одржувањето на локалните избори.

Претседателот на Собранието пред новинарите рече дека се надева дека пратеничките групи ќе покренат иницијатва за формирање анкетна комисија за настаните од 27 април во Собранието.

-Имаше пратеници и новинари чиј живот беше доведен во опасност. Оние пратеници кои помогнаа тоа да се случи мора да сносат политичка одговорност, истакна Џафери.

Околу одземање на имунитетот на пратениците кои учествувале во настаните од 27 април, Џафери рече дека според законот имунитетот ги штити за кривични дела до 5 години.

Инаку според Законот, постапка за симнување на пратенички имунитет покренува судија на претходна постапка, а го одобрува Комисијата за мандатно имунитетни прашања.