Музичарот Џорџ Мајкл починал од природна смрт, соопштија денес британските форензичари кои вршеле обдукција.

Популарниот музичар беше пронајден мртов во својот дом на 25 декември 2016 година. Тој имаше 53 години. Причината за неговата смрт до денес беше мистериозна.

“Истрагата на смртта на Џорџ Мајкл е завршена” и беше потврдено дека починал од природни причини, изјави Дарен Салтер преку соопштение.

Форензичарот вели дека причина за смртта е кардиомиопатија со миокардит (ослабнување на срцевиот мускул) и хепатитска стеатоза што значи акумулација на маснотии во ќелиите на црниот дроб.