Од:

Џорџ Мајкл помогна на генерации да сфатат дека е ок да се биде геј

Џорџ Мајкл кој почина вчера беше инспирација за сите оние кои имаа потешкотија да ја изразат својата сексуалност, особено во време кога да се биде ЛГБТ беше стигматизирано. За многу деца кои растеа во деведесетите, тој беше една од првите аутирани геј луѓе кои ги познаваа, пишува Mashable.

Но не беше отсекогаш така. 53-годишниот Мајкл ја криеше својата секуaлност со години, но се аутираше во 1998-ма година по еден инцидент откако беше уапсен во Лос Анџелес за сексуален акт во јавноста.

„Ова е соодветно време како и секое време. Сакам да кажам дека немам никаков проблем со тоа луѓето да знаат дека сум во врска со маж во моментов. Не сум бил во врска со жена повеќе од десет години“, изјави тој за CNN во тоа време.

Џорџ Мајкл со гордост го потврди инцидентот со тоа што го рекреираше во своето музичко видео за песната „Outside“, кое излезе истата година. Тој стана пионер и ја постави патеката за прифаќањето на ЛГБТИ луѓето. Тоа се случуваше дури и пред јавно да каже дека е геј со песната „Freedom 90“ една од најзначајните прајд песни, издадена пред Џорџ Мајкл да се аутира.

Но каминг аутот не беше лесен за Џорџ Мајкл, кој се бореше со тоа да го покаже вистинското јас на својата фамилија. „Од некој чудна причина мојот геј живот не стана полесен откако јавно кажав за сексуалноста. Всушност токму спротивното се случи“, изјави за BBC.

Откако веста за неговата смрт стана јавна, ЛГБТИ луѓето на социјалните мрежи објавија колку тој им значеше на нив, но и на безброј други луѓе кои сфатиле дека е ок да се биде геј.

Според првичните извештаи Џорџ Мајкл почина на 53 години, најверојатно од откажување на срцето. Смртта од полицијата се третира како „необјаснета но не и сомнителна“.

Пејачот починал мирно во неговиот дом, објави фамилијата во неделата.

Стотици големи имиња во светот на забавата му оддадоа признание на Мајкл за неговата музика и неговиот придонес во музичкиот бизнис.

Елтон Џон постираше фотографија од него и Мајкл на Инстаграм, на која пишува: „Во голем шок сум. Изгубив сакан пријател – најнежната, најдарежлива душа и брилијантен артист. Моето срце е со неговата фамилија и сите негови фанови“.

Неговата пријателка Мадона, постираше видео на Твитер во која таа на сцена пред својата публика говори „Ова е еден голем музичар кој прави многу добри видеа како мене“.

Мајкл, чие вистинско име е Јоргос Киријакос Панајото (син на кипарски емигранти) беше пејач, текстописец и музички продуцент. Неговите синглови се продадоа во повеќе од 80 милиони копии, а неговиот деби албум Faith (Верба) од 1987 година се продаде во 20 милиони копиии ширум светот. Првиот сингл од овој албум, I want your sex, беше забранет за емитување на многу радиостаници во Велика Британија и светот поради своите сексулани сугестивни стихови, како што ќе се изрази ББС во тоа време која меѓу првите го забранува овој сингл.

Џорџ Мајк имаше и политички ангажирана музика. За време на владеењето на Маргарет Тачер, тој јавно се декларираше како лабурист. Песната Shoot the dog (Убиј го кучето) беше критична кон вклученоста на САД и Велика Британија во војната во Ирак. Тој и јавно говореше за  тоа дека британските граѓани не биле прашани за нешто толку важно како вклученоста во „војната на теророт“. Тој беше активист за човекови  права, еднаквост, борбата против сиромаштија.