Од:

Џорџ Сорос: Ова не е време на нормална состојба

Автор: Џорџ Сорос

ЊУЈОРК

Многу пред Доналд Трамп да биде избран за Претседател на Соединетите Американски Држави, им испратив празнична честитка на моите пријатели во која напишав:

„Ова не е време на нормална состојба. Ви посакувам сè најдобро во светот оптоварен со проблеми.“

Сега чувствувам потреба истата порака да ја споделам со остатокот од светот. Но пред да го сторам тоа, морам да ви кажам кој сум јас и за што се залагам.

Јас сум 86-годишен унгарски евреин кој стана државјанин на САД по завршувањето на Втората светска војна. Од мали нозе научив колку е важно каков политички режим преовладува во една држава. Формативно искуство на мојот живот беше окупацијата на Унгарија од страна на Германија под водство на Хитлер во 1944 година. Јас веројатно ќе исчезнев ако татко не ми ја разбра сериозноста на ситуацијата. Тој набави лажни идентитети за неговото семејство и за многу други евреи; со негова помош, многумина од нив останаа живи.

Во 1947 година, пребегав од Унгарија која тогаш беше под комунистичка власт, во Англија. Како студент на Лондонската школа за економија, бев импресиониран од филозофот Карл Попер и развив сопствена филозофија која се темели на два столба: погрешливост и рефлексивност. Правев разлика меѓу два вида политички режими: оние во кои луѓето ги избираат своите лидери, кои потоа треба да се грижат за интересите на нивниот електорат, и другите, каде владетелите се обидуваат да ги изманипулираат своите потчинети да им служат на интересите на владетелот. Под влијание на Карл Попер, првиот режим го нареков отворено општество, а вториот – затворено.

Оваа класификација е премногу поедноставена. Постојат многу степени и варијации низ историјата, од добро функционални модели до пропаднати држави, како и многу различни нивоа на власт во една конкретна ситуација. Сепак, сметам дека правењето разлика меѓу двата типа на режими е корисно. Станав активен промотор на првиот и опонент на вториот тип режими.

Сметам дека овој момент во историјата е многу болен. Отворените општества се во криза, а различни форми на затворени општества, од фашистички диктаторства до мафијашки држави, се во подем. Како можеше тоа да се случи? Единственото објаснување што можам да го најдам е дека избраните лидери не успеале да ги исполнат легитимните очекувања и аспирации на гласачите и дека таквиот неуспех довел до разочарување на електоратите од преовладувачките верзии на демократија и капитализам. Многу едноставно, многу луѓе се чувствуваат како елитите да им ја украле нивната демократија.

По распадот на Советскиот сојуз, САД останаа единствената суперсила, еднакво посветена на принципите на демократија и слободни пазари. Од тој момент, најголемиот развоен настан е глобализацијата на финансиските пазари, која ја предводеа застапувачи нудејќи аргументи дека глобализацијата го зголемува вкупното богатство. На крајот, ако победниците им компензираат на губитниците, сепак ќе остане нешто и за нив.

Овој аргумент е погрешен, бидејќи го игнорираше фактот дека победниците ретко, ако и воопшто, им компензираат на губитниците. Но, потенцијалните победници потрошија доволно пари за промоција на таквиот аргумент, така што тој стана доминантен. Тоа беше победа за оние кои веруваат во слободни претпријатија, или за „пазарните фундаменталисти“, како што јас ги нарекувам. Бидејќи финансискиот капитал е незаменлива компонента за економски развој, а малку земји во развој би можеле да генерираат доволно капитал сами, глобализацијата се прошири како шумски пожар. Финансискиот капитал можеше слободно да се движи и да избегне оданочување и регулација.

Глобализацијата имаше далекусежни економски и политички последници. Таа донесе одредена економска конвергенција меѓу сиромашните и богатите земји, но ја зголеми нееднаквоста и во сиромашните и во богатите земји. Во развиениот свет, придобивките воглавно ги чувствуваа големите сопственици на финансискиот капитал, кои претставуваат помалку од 1% од целото население. Отсуството на политики за редистрибуција е главниот извор на незадоволството што го експлоатираа противниците на демократијата. Сепак, постоеја и други фактори што придонесоа кон таквата ситуација, особено во Европа.

Јас бев силен поддржувач на Европската Унија од нејзиниот зачеток. Сметав дека таа ја отелотворува идејата за отворено општество: здружување на демократски држави кои се подготвени да жртвуваат дел од својот суверенитет за заедничко добро. Унијата почна како смел експеримент за она што Попер го нарекува „постепен социјален инженеринг“. Лидерите поставија остварлива цел и фиксиран временски период и ја мобилизираа политичката волја потребна за исполнување на целта, целосно свесни дека секој чекор напред ќе треба да биде проследен со уште една чекор напред. Така Европската заедница за јаглен и челик беше претворена во Европска Унија.
Но тогаш, нешто отиде во ужасно погрешна насока. По падот на берзата во 2008 година, доброволното здружување на еднаквите беше претворено во однос меѓу кредитори и должници, каде должниците имаа тешкотии во исполнувањето на своите обврски, а кредиторите ги поставуваа условите што должниците треба да ги почитуваат. Тој однос не е ниту доброволен, ниту рамноправен.

Германија прерасна во водечка сила во Европа, но не успеа да ги исполни обврските што успешните водечки сили мора да ги исполнат, односно, не успеа да гледа подалеку од нејзините тесни интереси кон интересите на луѓето кои зависат од неа. Споредете го однесувањето на САД по Втората светска војна со она на Германија по падот на берзата во 2008 година: САД го лансираа Маршаловиот план, кој доведе до развој на ЕУ, додека Германија наметна програма за штедење која им служеше само на нејзините тесни интереси.

Пред нејзиното повторно обединување, Германија беше главната движечка сила во интеграцијата на Европа: таа беше секогаш подготвена да придонесе малку повеќе за да ги одоброволи оние кои даваа отпор. Дали се сеќавате на придонесот на Германија во исполнување на барањата на Маргарет Тачер за буџетот на ЕУ?

Но, обединувањето на Германија во сооднос 1:1 испадна многу скапо. Кога пропадна финансиската компанија Леман Брадрс, Германија не се почувствува доволно богата да преземе дополнителни обврски. Кога европските министри за финансии изјавија дека нема да се дозволи распад на други системски важни финансиски институции, германската канцеларка Ангела Меркел, коректно читајќи ги желбите на нејзиниот електорат, изјави дека секоја држава-членка треба да се грижи за сопствените институции. Тоа беше почетокот на процесот на дезинтеграција.

По падот на берзата во 2008 година, ЕУ и еврозоната стануваа сè понефункционални. Преовладувачките услови станаа сè подалечни од оние предвидени со Договорот во Мастрихт, но менувањето на договорите беше сè потешко, и на крајот невозможно, бидејќи не можеше да биде ратификувано. Еврозоната стана жртва на застарени закони; многу потребните реформи можеа да се донесат само со изнаоѓање дупки во тие закони. Така, институциите станаа сè покомплицирани, а електоратите беа изолирани.

Подемот на анти-ЕУ движењата уште повеќе го оневозможи функционирањето на институциите. Овие сили на дезинтеграција добија моќна поддршка во 2016 година, прво преку Брегзит, а потоа и со изборот на Трамп во САД, и на 4-ти декември со одбивањето на уставните реформи, од страна на италијанските гласачи, со голема разлика во гласовите.

Демократијата сега е во криза. Дури и САД, светската водечка демократија, за свој претседател избра измамник и претендент за диктатор. Иако Трамп ја намали својата реторика по неговиот избор, тој не ги смени ниту своето однесување, ниту своите советници. Неговиот кабинет го сочинуваат некомпетентни екстремисти и пензионирани генерали.

Што носи иднината?

Јас сум убеден дека демократијата ќе ја докаже својата издржливост во САД. Уставот и институциите во САД, вклучително и седмата сила, се доволно силни да им одолеат на испадите на извршната власт, со што ќе го спречат претендентот за диктатор навистина да стане тоа.

Но, САД ќе бидат преокупирани со внатрешните борби во блиска иднина, додека таргетираните малцинства ќе страдаат. САД нема да бидат во можност да ја заштитат и промовираат демократијата во остатокот од светот. Напротив, Трамп ќе има поголема склоност кон диктаторите. Тоа ќе им овозможи на некои од нив погодна позиција во односите со САД и со другите за да го продолжат своето владеење без никакво мешање. Трамп ќе претпочита склучување договори, наместо одбрана на принципите. За жал, тоа ќе наиде на популарност кај неговите основни поддржувачи.

Јас сум посебно загрижен за судбината на ЕУ, која е во опасност од потпаѓање под влијание на рускиот претседател Владимир Путин, чијшто концепт на владеење е целосно спротивен на отвореното општество. Путин не е пасивен корисник на последните случувања; тој напорно работеше тие да станат реалност. Тој ја признава слабоста на неговиот режим: може да ги експлоатира природните ресурси, но не може да генерира економски раст. Тој се почувствува загрозен од „обоените револуции“ во Грузија, Украина и на други места. Тој прво се обиде да ги контролира социјалните медиуми. Потоа, во брилијантен потег, го искористи деловниот модел на компаниите за социјални медиуми за да пушти дезинформации и лажни вести, дезориентирајќи ги електоратите и дестабилизирајќи ги демократиите. Токму на тој начин тој му помогна на Трамп да биде избран.

Веројатно е дека истото ќе се случи на изборите во 2017 година во Холандија, Германија и Италија. Во Франција, двајцата водечки кандидати се блиски до Путин и едвај чекаат да му се умилкуваат. Кој и да победи, доминацијата на Путин во Европа ќе биде завршен чин.

Се надевам дека европските лидери и граѓани сфаќаат дека тоа го загрозува нивниот начин на живот и вредностите врз кои е изградена ЕУ. Проблемот е во тоа што методот кој Путин го користел за дестабилизација на демократијата не може да се користи за враќање на угледот и балансирано гледиште за реалноста.

Со недоволен економски раст и бегалска криза која е надвор од контрола, ЕУ е на работ на распаѓање и е предодредена да мине низ искуство слично на искуството на Советскиот сојуз во раните 90-ти години. Оние кои веруваат дека ЕУ треба да се спаси за одново да се обмисли, мора да сторат сè што можат за да издејствуваат подобар исход.