Од:

ДИК: Гласањето во затворите и дијаспората се одвива во најдобар ред

Државната избрна комисија на денешната прес конференција соопшти дека гласањето за затворениците, болните и дијаспората тече во најдобар ред.

„Сите гласачки места на територијата на Австралија, Азија и Европа се отворени и гласањето тече во најдобар ред. Државната изборна комисија е во постојана комуникација со избирачките одбори кои го спроведуваат гласањето и до сега не се пријавени никакви проблеми“, соопштија од ДИК.

Во посебниот извод од избирачкиот список за лица кои поднеле пријава за гласање во странство се запишани 20.573 гласачи. Своето избирачко право тие ќе можат да го остварат во текот на денешниот ден на 46 избирачки места во странство.

Денеска гласаат и избирачите кои се на издржување казна затвор или се во притвор. На гласачките места во казнено поправните установи своето избирачко право ќе можат да го остварат 2.015 гласачи. Сите гласачки места во казнено поправните установи се отворени утрово во 7 часот и гласањето таму ќе трае до 19 часот.

Во текот на денешниот ден избирачките одбори во Република Македонија ќе го спроведат гласањето на лица кои се болни или немоќни, или во куќен притвор, а до општинските изборни комисии доставиле известувања со соодветна документација. Во своите домови избирачкото право ќе го остварат 5746 граѓани.

 

Интересот за набљудување на овие избори од страна на домашни и странски организации и медиуми е голем. Државната изборна комисија издаде акредитации за набљудување на 7585 домашни, 667 странски набљудувачи, 354 преведувачи и 75 странски новинари.