Од:

Диктатура на малцинството

Пишува: Беса Арифи, вонреден професор во Универзитетот на Југо-Источна Европа

Често слушам деновиве дека ова што ВМРО-ДПМНЕ го прави во Собрание е сосема нормално и во рамки на Уставот, законите и Деловникот. Слушам дека сето ова што се случува, всушност се случило и порано и било дел од уставните и законските механизми на изразување на несогласување и незадоволство спрема начинот на владеење. Некои дури го споредуваат ова поведение на ВМРО-ДПМНЕ со тоа на СДСМ кога не се согласуваше со донесувањето на Буџетот, па така беше исфрлено од Собранието во тоа што е познат како „црниот понеделник“ од 24 декември 2012 година, или пак со долгочасовното молчење на пратеникот Талат Џафери при расправата за Законот за бранителите на РМ.

Епа не се работи воопшто за иста ситуација. Сите треба да направат јасна разлика помеѓу жестокото спротивставување на донесувањето на одреден проблематичен или контраверзен закон, и попречувањето на мирниот трансфер на власта. Конститутивната седница на Собранието има токму таква цел: конституирање на новата власт, прво во Собрание, преку дефинирање на парламентарното мнозинство, а потоа и во Влада, преку изгласување на истата.

Конститутивната седница нема намера да донесе Буџет или некој одреден закон, за кој може да се дебатира реплицира, контрареплицира, за кој може уште и со себеси да се зборува или да се чита поезија или да се молчи. Затоа, секоја споредба на ова што ни се случува со претходни блокади на Буџетот или одредени закони, е целосно тенденциозно и има за цел да ја брани неправедната и противзаконската битка на ВМРО-ДПМНЕ да остане и понатаму на власт која веќе одамна ја има изгубено.

Ако некој се уште има дилеми за тоа што ВМРО-ДПМНЕ моментално го прави во Собрание, да разјасниме: Оваа партија се обидува под секој услов да го спречи мирниот трансфер на на власта, после избори кои таа самата ги нарече демократски и чии резултати таа самата ги прогласи за “чисти како солза”. Мирниот трансфер на власта преку слободни и демократски избори и преку создавање на ново парламентарно мнозинство, не само што претставува најнормална можна работа, туку тоа е сржта на демократијата и како такво, претставува темелна вредност на нашиот уставно-правен поредок.

Ако некој се уште има потреба од појаснување, ова што ВМРО-ДПМНЕ го прави е тешко прекршување на уставно-правниот поредок на земјата преку попречување на мирниот трансфер на власта, што претставува и законско битие на делото Велепредавство, казниво според членот 305 на КЗРМ.

Така, тие кои се обидуваат да го оправдат ваквото однесување на ВМРО-ДПМНЕ, нека не заборават дека ова воопшто не претставува нормално однесување, бидејќи се работи за волјата на 450.000 граѓани која се обидува да се наметне над волјата на 700.000 граѓани. Во демократија, владее мнозинството а не малцинството во парламентот. Сите права на политичкото малцинство секако дека мора да бидат заштитени и гарантирани, меѓутоа, тоа не значи дека малцинството во Собрание може бескрајно да го саботира владеењето на мнозинството. Демократијата не функционира така. Така функционира само Апартхеидот, што претставува насилно владеење на малцинството врз мнозинството преку дискриминација и грубо прекршување на човековите права.

ВМРО-ДПМНЕ, иако има малцинство пратенички места во Собрание, досега успеа да ја наметне својата волја, преку барање и добивање на мнозинство во Комисијата за избори и именувања, преку барање и добивање на местото претседател на оваа Комисија, а сега и преку дебатирање сама со себе токму за составот на оваа Комисија и за нејзиниот претседател. Тој кој го оправдува ваквото однесување на ВМРО-ДПМНЕ, го оправдува Апартхеидот со кој сака да продолжи да владее криминалната фамилија која владееше за 10 години а сега сака да си се амнестира за сторените кривични дела. Нема појак доказ за одговорноста за делата кои се слушаат во “бомбите” од сегашното однесување на оваа партија и на нејзините челници кои сега се фаќаат за репликите и контрарепликите како што давеник се фаќа за сламка.

Сепак, тоа што јас не успевам да го разберам е однесувањето на парламентарното мнозинство кое го видовме да се декларира преку потписите поднесени кај Иванов со цел да се добие мандат за составување на влада. Добро, има ли или нема реално парламентарно мнозинство? На хартија личи дека има, но во реалноста се јавуваат сомнежи. Албанските парти што прават, одлучија ли? Сакаат ли нова влада или не? Ако сакаат каде се? А СДСМ каде е? Понекогаш токму нивните пратеници ги гледаме демонстративно да напуштаат собраниска седница. Не, не, кој сака нека напушти седницата, меѓутоа, парламентарното мнозинство треба да проработи и да воспостави контрола а не да се мисли како да напушти седница.

Бранко Манојловски е највозрасниот пратеник во овој собраниски состав, и е претставник на ДУИ, која истотака има намера да го добие местото на претседател на Собрание. За да се заврши една работа потребно е повеќе од намера, потребно е делување и одлучност. “Заедно одлучуваме” не беше ли ова главниот слоган на ДУИ за време на изборната кампања?

Јасно е дека сегашниот претседавач на Собранието не успева и не сака да држи ред во седниците ниту пак има намера да ја врати седницата во разумен колосек, па затоа, треба интервенција од највозрасниот кој во име на мудроста која доаѓа со годините, треба да даде свој придонес во мирнииот пренос на власта. Затоа, господинот Манојловки треба да најде начин да седне на тоа столче и да се обиде да воведе ред во работава.

А ДУИ треба да престане да се оправдува. Во своите редови има два важни механизми: највозрасниот пратеник, како и пратеникот кој има поддршка од 62 пратеници да стане претседател на Собранието.

Оваа состојба не е само ненормална, туку е и криминална. Повеќе пати сум истакнала дека попречувањето на мирниот трансфер на власта е обид да се урне уставно/правниот поредок на оваа земја и како такво е кривично дело против државата, кое во некоја иднида, кога ќе имаме вистинско Јавно обвинителство и вистински Суд, уредно ќе се гони и ќе се казнува.

Оваа состојба освен што е криминална, исто така е и опасна. Делата кои остануваат неказнети, како што засега останува неказнет обидот да се спречи мирниот трансфер на власта, раѓаат други кривиќни дела кои може да бидат уште потешки и уште посериозни и да ги преминат границите на национални кривични дела и да станат меѓународни злосторства. Фактот што се множат “патриотските” невладини организации кои веќе отворено говорат за насилство и употреба на сила за своите цели, ни укажува повторно дека постојат јасни намери криминалот да се прекрие со крв додека истиот не се амнестира.

Сега е време да се види дали ќе надвладее Уставот и законот во оваа земја или пак насилството и криминалот. Ако сега попуштиме пред насилството со кое се сака да се покрие криминалот стануваме соучесници во суспендирањето на законот и правниот поредок. А кога правниот поредок еднаш ќе се суспендира, многу е тешко, па дури и невозможно, истиот повторно да се воспостави.



Comments are closed.