Од:

Дипломатскиот синдикат предупредува: МНР згрижува партиски дипломати

Синдикатот на македонската дипломатска служба денес повторно предупреди дека со распишаните дваесетина интерни конкурси за распоредување на работа во македонските дипломатско-конзуларни претставништва, раководството на МНР се обидува да постави партиски кадри.

Сашко Тодоровски од дипломатскиот синдикат потенцираше дека ваквиот потег е во спротивност со Генералното мислење на Антикорупциската комисија дека од денот на донесување на одлука за распишување на избори па се до изборот на влада постои „законска пречка да се врши распоредување и унапредување на лица вработени во органите на државната управа“.

Тодоровски вели при распишувањето на конкурсите, надлежните направиле „коктел“, односно од една страна за дел од местата се е според правилата бидејќи „таму доаѓа време за редовна замена на дипломатите“, но од друга страна на одредени и тоа особено важни места, се предлагаат партиски кадри кои би требало таму да „се згрижат’.

Тодоровски потенцира дека такви се случаите со дипломатските позиции во Вашингтон, Лондон, Париз и во Мисијата во НАТО.

Претседателот на СМДС вели дека во време на политичка криза, нема потреба од испраќање на урегнтни дипломати во ДКП-а кои и онака се кадровски добро покриени и функционираат професионално и на високо ниво.

Како што рече тој на денешната прес-конференција, Синдикатот е заобиколен во постапката и предупредува дека тоа е дел од една смислена тактика за злоупотреба на дипломатско-конзуларните претставништва, која би можела да продолжи и во иднина.

Соопштението на МНР пак вели, распределбите се во согласност со законо.

Оттаму рекоа дека конкурсите биле во согласност со релевантна законска рамка а истата го опфаќа Законот за надворешни работи, одредбите содржани во Правилникот за упатување и сите други релевантни подзаконски акти.