Од:

Директор од прилепска гимназија ги убедува учениците да протестираат

На социјалните мрежи денеска се појави видео на кое се слуша разговор меѓу група ученици и директорот на прилепската гимназија „Мирче Ацев“, Кире Николоски. Тој им зборува на учениците дека ќе биде страшно ако се спроведе платформата на албанските партии и ако се воведе двојазичност на целата територија на државата.

Николоски за НОВА ТВ потврди дека неговиот глас е на снимката и дека на учениците им зборувал како директор на гимназијата и дека тој лично се спротивставува на албанската платформа и на уништувањето на македонските национални интереси.

„Јас како директор ви велам. Не дај боже да се спроведе она што се кажува за двојазичност на целата држава. Лично на ваши години сум застанал 1989, 1990 година во борба за самостојна Македонија. Ако се случи воведување на двојазичност, менување на химна, на знаме, албански симболи на монети..“, вели Николоски во видеото.

На снимката се слуша како учениците велат дека професорите не смеат да протестираат во работно време, а една ученичка му се обрати со зборовите:

„Директоре срамота е во образовна институција Вие да држите политички говори.“

Николоски изјави дека не се чувстува одговорен што држел такви говоори пред учениците. Тоа што тој го зборувал „немало врска со политика, туку им кажувал на децата дека не е убаво да се уништуваат македонските национални интереси“. Тој признава дека гласот во видеото е негов, но додава дека тој разговарал со оние ученици кои не дошле на протестите со намера да ги убеди да дојдат. Вели дека додека тој разговарал со овие ученици, поголем дел учениците ја напуштиле наставата и се приклучиле на протестите.

„Јас зборувам и како директор и како професор по историја и како загрижен граѓанин. Не мислам дека сум направил злоупотреба“, вели директорот Николоски кој не сакаше да открие дали членува во одредена политичка партија.

Ова не е прв пат да се повикуваат учениците на протести или пак да се инволвираат во политика. Минатата недела во гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Скопје учениците беа ослободени од настава за да излезат на протестите на „Иницијативата за заедничка Македонија“.

Локален медиум од Прилеп објави и видео од гимназијалците кои прво во училиштето со развиорени знамиња скандира „Македонија, Македонија“, а потоа се упатија во центарот на Прилеп.

 



Comments are closed.