Од:

Џака Накот, еден од најгласните борци за слобода замина во странство

Македонскиот рап-уметник Да Џака Накот вчера на својот Фејсбук профил објави дека ја напушта Македонија, револтиран од толеранцијата и небудноста која граѓаните ја покажуваат кон владејачката елита.

– Почитувани пријатели, подржувачи и непријатели, јас ја напуштив мојата татковина Македонија, бидејки одбивам да бидам дел од колективната несвест која завладеа таму изминативе години, се обидував од петни жили да направам некоја промена, а кога излегов пред влада јавно да ги исплукам, кога ние уметниците бевме засегнати со предлогот на владата 35% да му даваме на Груевски и компанија, сите ми го свртевте грбот, лугето бегаа од мене како од чума, мои пријатели се плашеа да им пуштам музика во кафулето или да си пијам кафе таму затоа што ке дојде инспекција да ги затвори, цензуриран сум на национално ниво, забрана имам за настапување на сите фестивали кои се организирани од пштините на ВМРО-или во превод сегде, сите мои пријатели се отселија од мојот роден град, и јас одбивам да бидам дел од таа Македонија, порача во дел од своето обраќање Џака Накот.

Тој за НОВА вели дека сепак би се вратил во земјава доколку работите се вратат во нормала, но дека за тоа е потребно време, бидејќи како народ имаме недостаток на демократска свест.

– Мојсеј ги шетал Изреалитите 40 години низ пустината само за да ја смени генерацијата и состојбата на умот, ние во Македонија имаме хроничен недостаток на демократска свест и на судски систем кој ке ги казнува поединците кои се ставаат себеси над законот. Проблемот е што за едни е мајка, а за други маќеа Македонија, и се додека тоа не се промени нема да одиме напред ни како нација ни како поединци, смета уметникот.

>> (ВИДЕО)Студентите и раперот Џака Накот со порака пред Влада: Пукај бе, братучед!
Настапот за време на студентските протести во декември 2014 година

Џака, како што е познат во хип хоп културата, не верува дека нова гарнитура преку ноќ би го решила проблемот во земјава, кој како крлеж, вели тој, е влезен во ткивото на Македонија.

На прашањето на НОВА, за тоа дали можеби е подобро борбата за своите убедувања за слобода и демократија да се одвива од овде, од внатре, Џака Накот вели тој веќе 15 години води битка, за која вели е Дон Кихотска, а тој е подолго време цензуриран.

– Јас сум дете кое доаѓа од сиромашно семејство, моето образование е од скромна природа, машинско средно училиште. Се што знам е благодарение на љубовта кон пишаниот збор и моето сопствено себеунапредување, живеам од своите скромни артистички ангажмани кои нажалост во последниве години се сведоа на минимум. Неофицијално сум забранет на сите фестивали во државава кои се под државна капа или покровителство, медиумите се исто на власта, така да и онака станав фантом во сопствената држава. А поддршката од народот ја нема, иако се што правам е за оваа нација и држава, творам само на македонски и ако тука не се цени тоа, нема каде на друго место, се вели во одговорот на Џака.


Фејсбук принт-скрин од профилот на Џака Накот

Тој отфрла од себе било каква политичка етикета, нема партиска книшка иако имал добиено непристојни предлози во минатото.

– И Кастро не успеал од прва, па решив макијавелистички да ја продолжам борбата од егзил, подобро тоа отколку да бидам убиен на пешачки премин од несовесен возач, кој по некоја случајност е син на функционер и нема ни да одговара за тоа, дополнува артистот.

Особено е разочаран од народот кој вели стагнира, ништо не го мотивира, ништо не го трогнува, не излегува на улици за неправди, ништо не ги активира.

– Овој народ е сон на секој диктатор. Ништо не им пречи, ништо не ги мотивира, ништо не ги трогнува, ништо не ги вади на улица, ништо не ги активира. Секој за себе, сите за никого, тоа е нашата тажна реалност. Освен гневни постови на ФБ и жалби и поплаки во секојдневниот муабет, нема никакво вистинско движење, вели тој.

За студентите има пофални зборови, кои велат направиле одреден прогрес , но оттаму не почна критична маса, а според него луѓето се задоволни со оваа состојба.

– Нашиот народ боледува од “Стокхолмов Синдром”, а јас немам намера да излезам сам пред парламентот како V for Vendetta и да нема никој позади мене, ниту еден одважен човек кој му е смачено. Оваа власт успеа да ја всади некултурата во сите пори на живеењето и да му го загорчи животот на секој што мисли спротивно од нив, вели за НОВА, Да Џака Накот, раперот кој зад себе има оставено 10 албуми во ЦД и дигитални изданија на Интернет.

За жал вели Македонска Пролет нема да ни се случи, стравува дека власта ќе ги фалсификува изборите и наместо револуција како онаа со Милошевиќ во Србија, сите ќе се пцујат по телевизорите и ќе пишуваат по социјалните мрежи.