Од:

Доларот со најголема вредност од изминатите 14 години

Вредноста на доларот достигна највисоко ниво во изминативе 14 години во однос на поголемите светски валути откако американските Федерални резерви ја зголемија клучната каматна стапка за четвртина процентен поен, што е за прв пат во изминатава една година.

Еврото падна за 1,2 насто во однос на доларот и чини 1,049, што е најмалку од средината на март. Инаку, зголемувањето на референтната каматна стапка, според оценката на претседателката на Федералните резерви Џенет Јелен, претставува „глас на доверба“ во солидноста на американското стопанство. Економистите очекуваат во текот на идната година да има три зголемувања на каматната стапка.

Статистиката покажува дека вредноста на доларот е 40% над дното во 2011 година.

Економист пишува дека во трите недели по победата на Доналд Трамп на изборите за претседател на САД, доларот забележа еден од најострите растови во однос на останатите светски валути.

Јуанот достигна најниска вредност во однос на доларот од 2008 година, поради што  банкарските власти во Кина размислуваат за построги ограничувања врз странските преземања на домашните компании, за да се ограничи притисокот.

Валутата на Индија, која се соочува со внатрешни проблеми, исто така, достигна рекордно ниско ниво во однос на доларот, а воедно и другите азиски валути се спуштија до нивоа невидени од финансиската криза во 1997-98 година.