Од:

ДОМ: Досега немало политичка волја за проблемот со депониите

Еколошката партија на Македонија ДОМ денес одлучи да реагира на дебатата за струшката депонија и дебатите и меѓупартиските препукувања. ДОМ вели дека “депониите не се за маркетинг, туку за решавање”.

Тие потсетуваат дека постојат планови и студии за целосно решавање на депонирањето на отпадот во државата:

“Постојат и план и физибилити студии за целосно решавање на отпадот во Македонија со неколку регионални санитарни депонии и повеќе претоварни станици, како и за затворање и ремедијација на дивите депонии. Познати се и концептите за современ третман на отпадот со селекција, рециклирање и искористување на малиот остаток на еколошки начин” вели ДОМ и додава дека “се е одамна подготвено, но немаше доволно политичка волја да се реализира сево ова”.

Според партијата, во 2014 година се поништиле два готови тендера за концесии за регионални депонии во Југоисточниот и Полошкиот регион. ДОМ тогаш реагирал но гласот на партијата немал влијание во одлуките.

“Ние ќе продолжиме да инсистираме на современ третман на отпадот по принципот нула-отпад, кој е повторно во нашите зелени приоритети. Но, овојпат со доза на зголемен оптимизам, особено по брзото и ефикасно реагирање на Владата во нејзините први две недели од изборот! Проблемите со отпадот се уште еден силен аргумент, покрај многубројните други, да не се кочи комплетирањето на новата Влада и нормалното функционирање на институциите”, заклучува ДОМ.